Необична сцена сè почесто се гледа меѓу патниците – пасоши завиткани во алуминиумска фолија. Трендот се шири на TikTok, Reddit и туристички форуми, а причината е стравот дека некој би можел безжично да ги украде личните податоци од електронскиот чип во пасошот.
Современите пасоши имаат RFID-чип кој содржи дел од податоците на патникот и служи за побрза проверка на идентитетот на граница. Токму тоа ги натера дел од туристите да бараат едноставно решение – да го „затворат“ пасошот во метална фолија.
Но, според експертите цитирани од Euronews, опасноста од неовластено читање на податоците во нормални услови на патување е многу мала. Читачот би морал да биде исклучително блиску до документот, практично во непосреден контакт со него.
Алуминиумската фолија навистина може да го блокира радио-сигналот, но експертите сметаат дека вообичаено нема потреба од ваква заштита. Наместо поголема безбедност, завиткувањето може да донесе само дополнително одвиткување на пасошот на граничните контроли и подолги редици.
Трендот, сепак, покажува колку брзо на социјалните мрежи може да се прошири совет што звучи едноставно и логично – дури и кога реалниот ризик е многу помал од стравот што го создава.