Светското првенство донесе многу возбудливи моменти, но и серија контроверзии околу одлуките на FIFA и нејзиниот претседател Џани Инфантино. Една од најновите и најдискутирани мерки се задолжителните „hydration breaks“ – кратки паузи во текот на секое полувреме на сите натпревари, воведени под изговор за заштита на здравјето на играчите.
Иако идејата е да се спречат последици од високи температури, реакциите се сè повеќе негативни.
Играчите и тренерите: „Пауза што го уништува ритамот“
Многу фудбалери и тренери сметаат дека овие паузи ја менуваат суштината на играта. Капитенот на Холандија, Вирџил ван Дајк, изјави дека прекините го нарушуваат текот на натпреварите и не се секогаш неопходни, особено во стадиони со климатизација.
Слично мислење има и селекторот на Уругвај Марсело Биелса, кој порача дека ваквите промени ја менуваат традиционалната структура на фудбалот и не придонесуваат за играта. Исто така, селекторот на Англија Томас Тухел истакна дека паузите го прекинуваат моментумот на играта и ја менуваат нејзината динамика.
Зошто ФИФА ги воведе и зошто се толку спорни
FIFA тврди дека одлуката за паузи е донесена поради здравјето на играчите и потребата за хидратација во екстремни температурни услови. Сепак, критичарите сметаат дека постои и друга страна – комерцијална.
Секоја пауза создава дополнителен простор за телевизиски реклами, што за дел од јавноста изгледа како скриена причина зад одлуката. Некои навивачи и аналитичари тврдат дека ваквиот формат ја претвора играта во нешто слично на американските спортови со чести прекини, што ја менува традиционалната фудбалска динамика.
Навивачка реакција и комерцијален притисок
Реакциите на стадионите се јасни, многу навивачи ги пречекуваат паузите со свирежи. Дополнително, дел од тренерите и аналитичарите предупредуваат дека ваквите интервенции го нарушуваат континуитетот на играта и влијаат на квалитетот на натпреварите.
Иако FIFA тврди дека не остварува дополнителен приход од паузите, критиките продолжуваат, а дебатата околу балансот меѓу здравјето на играчите и комерцијализацијата на спортот станува сè поинтензивна.