ВИДЕО: Животните во ЗОО Скопје се ладат со овошни сладоледи

Скопската зоолошка градина подготви замрзнати овошни десерти и ладни лубеници за да им помогне на животните да ги пребродат високите температури.

Топлото време и високите температури во Скопје донесоа посебен летен режим во Зоолошката градина Скопје. За да им помогнат на животните полесно да ги издржат тропските горештини, негувателите им подготвуваат замрзнати овошни освежувања за лемурите, мајмуните и папагалите, додека за празникот Илинден животните добија и свежа ладна лубеница.

Летните жештини бараат посебна грижа за животните во Скопската зоолошка градина. Негувателите започнаа со редовно послужување на специјално подготвени сладоледи направени од разновидно замрзнато овошје.

Во овие студени летни деликатеси најмногу уживаат лемурите, мајмуните и папагалите. Од зоолошката градина објавија и видеа на нивните профили на социјалните мрежи, каде што се гледа како животните со љубопитност и радост се ладат со замрзнатите овошни парчиња.

Покрај овошни сладоледи, во рамки на летниот мени-протокол животните добиваат и сочни плодови. Претходно, за празникот 2 Август, Илинден, на животните во ЗОО Скопје им беше послужена свежа и ладна лубеница, што е исто така дел од напорите за нивна хидратација и намалување на топлотниот стрес во најтоплите денови од годината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс