„Златна камера 300“ за Лукаш Жал: Заврши 47. издание на „Браќа Манаки“

Со доделувањето на фестивалските награди и премиерна филмска проекција, синоќа во Битола беше затворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Главното признание, „Златна камера 300“, го освои полскиот кинематограф Лукаш Жал за визуелното обликување на филмот „Татковина“.

Жирито ја додели „Сребрената камера 300“ на Џонгјианг Лијанг за „Непозната девојка“, додека „Бронзената камера 300“ ја доби Паул Шпенгеман за работата на филмот „До крајот на денот“. Шпенгеман признанието им го посвети на студентите во Србија и на нивната борба на белградските улици.

Во Главната програма годинава се натпреваруваа 12 филмови, избрани од селекторот Слаѓан Пеневиќ и претставени под заедничката програмска рамка „Уметност на екранот“.

Милда Јуодвалките ја освои „Кристалната камера 300“ во Студентската програма за филмот „Покрај ридот на Наполеоновиот шешир“. Во категоријата краток филм, „Малата камера 300“ му припадна на Хулијан Амару за „Таму на небото“.

Жирито на документарната програма додели специјално признание на Ала Кеир за филмот „Ништо не се случува откако ќе заминеш“. Рамноправни награди во оваа конкуренција освоија Максим Катари за „Магарешка убавина“ и Бенхамин Ечасарета за „Кракатоа“.

Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски оцени дека 47. издание било посебно по својата динамика и обем. Во текот на седумте фестивалски дена биле прикажани рекордни 83 филмови, а бил одржан и рекорден број мастер-класови и работилници.

Годинашното издание на „Браќа Манаки“ заврши со премиерата на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јанаќијевиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс