Велес и годинава го потврдува своето место на меѓународната стрип-сцена. Новото издание на Меѓународниот стрип салон и традиционалната Стрип колонија, во организација на Стрип центарот на Македонија – Велес, започнува со рекорден број пријавени дела на меѓународниот конкурс „Златен стрип“.
Годинашното издание е во знакот на голем интерес од автори од Македонија, регионот и светот, со што конкурсот го достигнува својот историски врв по масовност.
Пријавени 497 автори од целиот свет
Традиционалниот меѓународен конкурс „Златен стрип“ годинава привлече рекорден број уметнички трудови.
Како што информира Томе Трајков од организацискиот тим, минатогодишниот рекорд од 396 автори е надминат, а оваа година се пријавиле 497 автори.
Во пристигнатите трудови доминираат стрипови од македонски автори од различни генерации и градови, што го потврдува континуитетот и силата на домашната стрип-сцена.
Велес како меѓународна стрип-точка
Покрај македонските автори, конкурсот има и силен меѓународен карактер. Пријавени се дела од балканските земји, но и од далечни дестинации како Азија, Полска и Нигерија.
Организаторите посочуваат дека велешкиот стрип салон го истакнува стрипот како самостојна култура и уметничка форма, која во себе обединува повеќе култури, социјални пораки и креативни светови.
Манифестациите се финансиски поддржани од Министерството за култура на Република Македонија и Општина Велес.
Свечено отворање на 19 август
Централниот настан и свеченото отворање на Меѓународниот стрип салон, заедно со прогласувањето на најдобрите трудови, ќе се одржат на 19 август 2026 година, со почеток во 20:00 часот.
Настанот ќе се одржи во просториите на Европската куќа, односно Europe House во Велес