ЅИРНИ и ВИР со заеднички настан во Гевгелија: кино на отворено и електронска музика во парк ДИНЌУТ

Фестивалот на филм и музика ЅИРНИ најавува промотивен настан во соработка со ВИР, млад фестивал за современа електронска музика и мултимедијална уметност, чие следно издание е закажано за 14 и 15 август.

Заедничкиот настан ќе се одржи на 8 август, со почеток во 19:30 часот, во парк ДИНЌУТ во Гевгелија, каде ќе има кино на отворено и музичка програма.

Проекција на „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски

Публиката ќе има можност да го погледне филмот „Диџеј Ахмет“ од 2025 година, долгометражниот игран филм на Георги М. Унковски.

Филмот ја раскажува приказната за Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено јуручко село во Северна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката додека се соочува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и првото вљубување во девојка која веќе е ветена на друг.

По филмот следува музичка селекција

По проекцијата ќе следува целовечерна музичка селекција со ШефШеф и дуото Монго и Омару.

Монго и Омару, познати и како Мирон и Марко, во изминатите три години се истакнуваат како дел од новиот бран скопски селектори на македонската електронска музичка сцена. Зад себе имаат повеќе клупски, фестивалски и радиски настапи, како и соработки со нови музички колективи во организација на независни и under-the-radar журки.

Теодор Симоновски, познат како ШефШеф, е радио водител и диџеј од Скопје. Тој е дел од алтернативното радио Канал 103, каде ја води неделната емисија „ЅЕНЅ“, посветена на денс музика.

Осмото издание на ЅИРНИ во септември и октомври

Осмото издание на фестивалот ЅИРНИ е закажано од 28 септември до 5 октомври, во „Кафе и филм Котур“, Домот на АРМ и уште неколку локации низ Скопје.

ЅИРНИ фестивал на филм и музика е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија. Осмото издание на фестивалот е активност поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт фонд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс