Зимата пристигна: минусни температури, а за викендот се очекува и снег

По денешното заладување, утрешното утро ќе донесе ниски температури, а во текот на неделата се очекуваат нови врнежи и дополнително спуштање на температурите.

Зимата полека пристигнува. По променливото време и дождот, утре, вторник, 24 ноември, се очекува сончево, но значително постудено време, со утрински температури под нулата во делови од земјата. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе биде засилен. Во Скопје се очекува сончево време со мала до умерена облачност, а температурата ќе се движи од околу 0 до 8 степени.

Студените утра ќе продолжат и во среда, кога на некои места минималните температури ќе се спуштат до минус 8 степени. Во текот на денот ќе има зголемување на облачноста, а кон вечерта се очекува нова промена на времето со врнежи од дожд. Во четврток се најавуваат пообилни врнежи, особено во западните делови од земјата, каде локално може да наврнат над 30 литри дожд на квадратен метар.

Најзимскиот пресврт се очекува кон крајот на неделата. Поради дополнителното заладување, за време на викендот врнежите на некои места ќе бидат од дожд и снег, а снег се очекува особено во повисоките предели.


По топлите денови, зимските јакни, чадорите и утринското стругање на автомобилите повторно стануваат дел од секојдневието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс