По неколкумесечна пауза и реконструкција, жичницата на Водно би можела повторно да проработи следниот месец. Во тек се обновата на кабините и другите зафати, а се чека да пристигне моторот што е испратен на репарирање во странство.
Скопјани би можеле повторно да се возат со жичницата на Водно уште следниот месец. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека работите за нејзина обнова се во тек и дека повторното пуштање во функција се очекува по завршувањето на реконструкцијата и потребните безбедносни проверки.
Жичницата беше затворена во мај годинава, откако при извршениот увид биле утврдени сериозни недостатоци. Според Ѓорѓиевски, проблемите биле последица на долгогодишно неспроведување на неопходните големи сервиси и редовно одржување. Градоначалникот вели дека бил потребен темелен зафат, бидејќи жичницата, како што тврди, била занемарувана речиси една деценија.
„За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сè. Тука нема компромис! Сега сме посветени на нејзината целосна реконструкција“, изјави Ѓорѓиевски.
Во моментов се работи на обновата на жичницата и реконструкцијата на кабините. Се очекува да пристигне и моторот, кој е испратен на репарирање надвор од државата. Ѓорѓиевски најави дека жичницата повторно ќе ги пречека скопјани и посетителите на градот по завршувањето на работите и спроведувањето на неопходните безбедносни проверки.
Повторното отворање би значело враќање на една од препознатливите туристички и рекреативни атракции на Скопје, која со години ги поврзува градот и Милениумскиот крст на Водно.
