Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст нема да биде пуштена во употреба во текот на целото лето, откако техничките проверки покажале сериозни проблеми во системот. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека постоел ризик да се откачи гондола поради долгогодишно несервисирање на жичницата од страна на производителот „Допелмаер“.
Според информациите, австриски експерти од компанијата што ја изгради жичницата извршиле увид и констатирале дека дел од гумичките биле целосно истрошени, поради што доаѓало до триење на гондолите. Дополнително, неколку безбедносни сензори не функционирале, што според надлежните претставувало сериозен ризик за патниците.
Жичницата првично беше затворена кон крајот на април со образложение дека се вршат дополнителни технички проверки и проширени контроли од специјализирани тимови. Тогаш од ЈСП информираа дека станува збор за проверки за обезбедување максимална безбедност, но по деталниот увид било одлучено таа да не биде повторно пуштена во функција.
Градските власти сега очекуваат официјална понуда од „Допелмаер“ за тоа колку ќе чини целосното сервисирање и колку време ќе биде потребно за санација. Засега не е познат точниот рок за повторно пуштање во употреба, но според најавите, жичницата сигурно нема да работи во текот на летната сезона.
Жичницата на Водно беше пуштена во употреба во 2011 година и важи за една од најпрепознатливите туристички атракции во Скопје. Последните информации за сериозни дефекти отворија прашања за одржувањето на системот и за безбедноста на инфраструктурата што секојдневно ја користат граѓаните и туристите.