Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар (МКЦ), предводен од маестро Сашо Татарчевски, зад себе има исклучително активен концертен период, во кој успешно ја претстави македонската хорска уметност на два значајни меѓународни фестивали.
Првиот настап беше реализиран на традиционалниот фестивал „Vox Lychnidos“ во Охрид, каде на 20 јуни хорот се претстави во катедралната црква „Света Софија“ со внимателно избрана програма составена од современи хорски аранжмани на џез и популарна музика. Покрај Женскиот младински хор при МКЦ, на фестивалот настапија уште два македонски хора, како и четири ансамбли од Србија и Словенија.

Од 25 до 28 јуни, по специјална покана на организаторите, хорот учествуваше и на меѓународниот фестивал „Let it be summer“ во Бургас, Бугарија. Во текот на фестивалот ансамблот изведе три различни концертни програми на три посебни настапи, претставувајќи богат и разновиден репертоар.
Во програмата беа вклучени дела од македонските композитори Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски, како и композиции од светски автори, меѓу кои Hoagy Carmichael, Oliver Hood, Harold Arlen, ABBA, Johny Mercer и Richard Rodgers.
Покрај самостојните концерти, членовите на хорот учествуваа и во заедничко музичко атеље со останатите фестивалски ансамбли, каде беа подготвени две нови композиции. Нивната премиерна изведба се одржа на завршниот гала-концерт на фестивалот.

Настапите во Бургас се реализираа во Летниот театар во Морската градина и во новиот градски културен центар. Од МКЦ истакнуваат дека реакциите од публиката и од учесниците повторно биле исклучително позитивни, потврдувајќи го високото уметничко ниво на ансамблот.
Интензивниот концертен циклус ќе биде заокружен на 4 јули, кога Женскиот младински хор при МКЦ ќе настапи во рамките на фестивалот „Драган Шуплевски“, кој годинава ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.