Денес, Реактор одржа прес конференција во Паркот „Жена Борец“, каде што се зборуваше за шокантните резултати од истражувањето за родово-базирано насилство во јавните места во Скопје и Тетово. Презентирани беа податоци кои откриваат дека голем број жени и девојки се соочуваат со сериозни форми на насилство во јавните простори, како што се зјапање, свиркање, вулгарни коментари, но и посериозни инциденти како демнење и сексуално вознемирување.
Истражувањето на Реактор потврдува дека повеќе од половина од жените избегнуваат да излегуваат ноќе, од страв од насилство и небезбедни места. Одговорноста за нивната безбедност, според истражувањето, често се префрла на самите жени, кои развиваат стратегии за да се заштитат.
Во контекст на овие податоци, Реактор ја презентираше обновената платформа за пријавување насилство „реагирај! биди безбедна“, која сега има и мобилна апликација. Платформата има за цел да ја подигне јавната свест за небезбедните локации и да ги охрабри жените да пријавуваат насилство, а со тоа да создадат силна женска солидарност.
Реактор апелираше до сите жени да не молчат, да реагираат и да се солидаризираат. „Жените не се сами! Не сме виновни!“ беше клучната порака, која се истакна и на прес конференцијата. Со оваа иницијатива, Реактор ја поттикнува женската солидарност како важен аспект во борбата против родово-базираното насилство.
По повод Меѓународниот ден на жената, Реактор повикува сите да излезат на улиците и да ја покажат својата сила и обединетост.
„Женската солидарност значи да не молчиме. Да реагираме. Да бидеме безбедни – за себе и за сите жени околу нас. Токму во овој дух на солидарноста и во очи на Меѓународниот ден на жената, го бираме овој момент да го кренеме гласот и да го изразиме нашето незадоволство пред системската нееднаквост. Затоа, во сабота, на 8 Март, со почеток во 13 часот пред Универзална сала, ве повикуваме да излеземе заедно на улиците, да покажеме дека сме тука и дека не прифаќаме да живееме во страв“ на крајот тие поентираа со моќна порака до сите жени!