АКТО фестивал за современи уметности 2026

„Железничарот на крајот на светот” го отвора 21. АКТО – Заедничко замислување на светот по крајот на капитализмот

На 30 септември, со перформансот „Железничарот на крајот на светот”, во киното во Железничката зграда во Скопје, ќе биде отворено 21. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, под мотото ,,Ајде да поминиме време заедно”.


Пишува: Павлина Симоноска Арсиќ

„Железничарот на крајот на светот” е перформативен [радио] есеј што ја води публиката низ 130 години (1896-2026), низ историјата на железничарските и работничките борби, низ фрагменти од уметноста на 20. век и низ подемот, падот и постојаната закана од фашизмот.

Она што го прави перформансот специфичен е тоа што историјата се доживува само преку звукот, гласот, музиката и просторот, а публиката е повикана да замислува, не само што се случувало во минатото, туку и каков свет можеме да создадеме.

Во разговор со тимот кој стои зад овој проект, откриваме зошто приказната се раскажува токму на овој начин.

Мракот како простор за едно големо замислување

„Има неколку причини за таа одлука”, вели Филип Јовановски, автор на концептот и сценскиот простор. Идејата произлегла од подолгорочно истражување за градот, во кое формата на радио-драмата е искористена како театарски и политички простор за изведба. Радио што се слуша заедно, во простор, свечено и јавно, наспроти слушањето дома, приватно и осамено.

„Тука сме, заедно, светот треба да го менуваме заедно, треба да поминуваме време заедно. Зар не е тоа иманентно за театарот како медиум?”, прашува Филип и додава дека отстранувањето на визуелните дразби е дел од процесот на „одземање” на медиумските алатки, но и создавање поинаков театарски протокол. Во традиционалниот театар, мракот најчесто постои само во паузите. Овде, тој трае во целата претстава. Мракот = претставата. Сценскиот простор е одреден од слушањето.

Референците се движат од првата филмска слика, пристигнувањето на возот на железничката станица од браќата Лимиер, до филмот „BLUE” на Дерек Џарман од 1993 година. Во перформансот, мракот, ништото и слепилото стануваат простор за размислување за тоа како денес ја перципираме реалноста, преку сликата, информациите и капитализмот. Но и простор за „едно големо замислување”, можност за отпор.

Кога звукот станува сцена

Димитар Милев, задолжен за креативната продукција и сценски дизајн, посочува дека еден од најголемите предизвици било пренесувањето на идејата дека мракот не значи отсутство, туку, напротив, го нагласува чувството за простор.

„Аудио-перформансот во театарска црна кутија овозможува звукот да биде доминантен просторен елемент. Симболичната употреба, но и кршењето на театарските протоколи и конвенции, како што е четвртиот ѕид, го создава театарот. Целосниот мрак создава камера опскура, преку која ние го „гледаме” железничарот низ изминатиот век.”

За Мартина Даниловска, која го изведува перформансот, отсуството на визуелни дразби е предизвик, но и можност за поинаков начин на создавање слики.

„Би рекла дека е предизвик да се изведува кога публиката не добива визуелни дразби. Токму затоа беше интересно да истражам некои сосема нови техники на создавање слики преку глас, звук и музика. Самото тоа да се биде зад т.н. „црна кутија” додава на мистериозноста и имерзивното искуство на перформансот.”

Лука Тошев, одговорен за музиката и звучниот дизајн, вели дека дејството во оваа претстава се случува во главата на слушателите, преку нивната имагинација. ,,Мартина со својата нарација ги води присутните на патување низ неколку декади, а музиката тука има улога да помогне во имагинацијата на гледачите, да се впијат во приказните. Музиката се состои од три дела: мои импровизации врз неколку сцени, постоечка популарна музика за секоја декада и ,,саундскејп” или звучен пејсаж.”

Железницата како систем и метафора

Зад перформансот стои истражување на железничарите и работничките борби. Истражувачкиот тим на продукцијата „Једноставно речено” тргнал од специфичната улога на Југословенските железници. За разлика од поединечните фабрики, железницата функционирала како единствен систем што ги поврзувал републиките, градовите и луѓето и без кој не можеле да функционираат многу други дејности, од фабрики до бродоградилишта.

Приказните на работниците и патниците стануваат начин да се погледне Југославија како простор на движење и поврзување, но и како метафора за нејзината изградба, реконструкција и конечно распаѓање.

Специфичноста на железничарската работа лежи и во нејзината динамика. На малите станици еден човек можел да биде диспечер, маневрист и кондуктер во исто време. За разлика од работникот во фабрика, железничарот постојано среќава десетици или стотици луѓе и се движи низ различни места. Тој е истовремено врзан за своето работно место и постојано во движење, сведок на многу различни животи.

Каде оди работничката класа?

Од железницата, прашањата неизбежно водат до денешнината. До вештачката интелигенција, фашизмот и современите механизми на експлоатација.

Што е со оваа работничка класа денес, која не се среќава по возови? Која утре можеби ќе ги изгуби сите свои атрибути, затоа што нешто незамисливо помоќно и поинтелигентно ќе преземе сè?

„Мислиш на ВИ или на фашизмот?”, прашува Кристина Леловац и веднаш го дава својот одговор: „За мене, во светот во кој живееме, тоа секако е едно исто. Зарем актуелната параноја дека „ВИ ни ги зема работните места!” не звучи како онаа од пред десетина години „Мигрантите ни ги крадат работните места!”? Работните места ни ги земаат и нè крадат истите оние кои ни ја сервираат оваа параноја, само за да продолжат што повеќе да нè разделуваат, експлоатираат и да профитираат од нашиот труд.”

Леловац додава дека историјата покажала дека токму работничката класа може да ги победи и овие механизми, па и фашизмот. „Едно од нештата што верувам дека овој перформанс ги постигнува, е да нè соочи со тоа колку всушност ние денес, не се разликуваме од било кој работник на железницата, било каде, било кога – од 1895 па до крајот на светот. Што ќе рече, дека и за секој од нас има место во првата следна (работничка) револуција.”

Максим Никифоровски, кој заедно со Леловац е автор на текстот на претставата, вели дека и во најлошото сценарио токму работниците се тие што ќе опстојат, не поради некакви благородни причини, туку поради можноста за експлоатација.

„Така, ветувањето дека ВИ ќе го смени светот е несомнено точно, но не е јасно на кој начин ќе се случи промената. Ако историјата е некаков показател, тогаш, секое ново технолошко откритие е нова шанса за експлоатација на најранливите работници. Не треба да стравуваме од исчезнување на работничката класа, туку од нејзината можна, уште пософистицирана експлоатација.”

Крајот на светот, или почетокот?

Насловот не е само метафора за некоја далечна иднина. Тој го отвора и прашањето што значи денес да се замисли поинаков свет, вели Леловац:

„Денес кога ни „се чини полесно да го замислиме крајот на светот, одошто крајот на капитализмот”, реално, само ако се определиме за крајот (на капитализмот!) има надеж за нов почеток. И во тоа, навистина не гледам разлика меѓу локалниот и глобалниот контекст. Само ако навистина (и во пракса), радикално се откажеме од привилегиите кои ги уживаме, Земјата ќе може и понатаму да нè крепи. Една можна метафора на тоа, е искуството што овој перформанс ѝ го нуди на публиката – откажувајќи се од можноста да го гледа, да открие како може да го менува светот.”

Јавниот простор денес е простор на спектакл

Перформансот е поврзан и со долгогодишното истражување на тимот на ФРУ/АКТО на јавниот простор и неговата политичка улога.

„Денес механизмите на моќ не се скриени, неолиберализацијата на јавниот простор го трансформира од место на политички ангажман и општествена интеракција во простор на спектакл. Наместо арена за политичко промислување и преговарање, денес јавниот простор е арена на пасивни потрошувачи кои најчесто ги прифаќаат содржините и вредностите кои им се пласираат”, истакнува Ивана Васева, кураторска советничка на претставата.

Според неа, киното на Железничката зграда е место кадешто од 2015 година се одвиваат уметнички практики што настојуваат „да го нарушат доминантниот консензус на моќта преку еманципаторски уметнички стратегии, отворајќи привремени политизирани демократски јавни простори и дискурс”.

Зошто токму овој перформанс го отвора АКТО?

По повеќе од две децении, АКТО прерасна во платформа за современа уметност и образование, но ја задржа формата и името фестивал. Неговата програма не се создава само во неколку фестивалски денови, туку низ продукции, истражувања и работни процеси што се одвиваат во текот на целата година.

„Железничарот на крајот на светот” е дел од токму таков процес и одбележа значаен дел од работата во изминатата година. Затоа, неговото поставување како настан за отворање на 21. издание на АКТО,  е и продолжување на таа работа, од истражувањето кон јавната изведба, од архивата кон живото искуство.

На 30 септември, публиката ќе влезе во киното на Железничката зграда и ќе се соочи со нешто што во театарот најчесто е невозможно – да престане да гледа.

И токму тогаш, можеби, ќе почне да замислува.

„Железничарот на крајот на светот”

30 септември 2026, 20:00–21:30 часот
Кино во Железничката зграда, ул. „Борка Талевски” 26, Скопје

Авторски концепт и простор/сценски дизајн: Филип Јовановски
Развој: Филип Јовановски и Кристина Леловац
Текст: Кристина Леловац и Максим Никифоровски
Креативна продукција и соработник за сценски дизајн: Димитар Милев
Изведува: Мартина Даниловска
Оригинална музика и звучен дизајн: Лука Тошев
Продуцент: Ненад Пинтер
Истражувачки тим: Ивана Богичевиќ Леко, Ненад Пинтер, Лука Кнежевиќ Стрика (ЈЕДНОСТАВНО РЕЧЕНО) и Максим Никифоровски (ФРУ-АКТО)
Кураторска советничка: Ивана Васева

Продукција: ЈЕДНОСТАВНО РЕЧЕНО (Белград), во партнерство со Лабораторијата за просторно-изведувачки практики „ГРАДОТ КАКО СЦЕНА”, на платформата „Факултет за работи што не се учат” – АКТО фестивал (Битола, Скопје).

е-Трн да боцка во твојот инбокс