Во образложението, жирито ја истакнува силата, карактерот и енергијата на неговата гласовна интерпретација. Токму таа, велат, е еден од клучните елементи што му даваат препознатлив идентитет на филмот.
„Ова е голема чест за мене, и како поединец и како дел од екипата на филмот. Особено ми е драго што со ‘Јон Вардар против Галаксијата’ достојно ја претставуваме Македонија на меѓународната сцена. Секогаш сум верувал дека е многу важно да ја работиш работата што ја сакаш. Како што вели една мисла што многу ја ценам: ако не го дадеш својот максимум, џабе ти е талентот”, изјави Димоски.
Ова е уште едно во низа меѓународни признанија за „Јон Вардар против Галаксијата”, првиот македонски долгометражен анимиран филм. По светската премиера на фестивалот во Ситгес, филмот продолжува успешно да патува низ светски фестивали, собирајќи награди по пат, вклучувајќи ги и претходните признанија за најдобар анимиран филм во Италија и Романија.
Сценариото и режијата се дело на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски, познат како Тхе Мичо, а продуцент е Алан Кастиљо. Главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.