Мрежата за заштита од дискриминација ја постави пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, како трет функционер на својот „Ѕид на срамот“. Од организацијата бараат јавни одговори зошто седум месеци по надзорната расправа што таа ја организирала сè уште нема објавени заклучоци и зошто законските измени што самата ги поднела во август стојат надвор од собранискиот дневен ред.
Во април 2026 година, Пешевска во својство на претседателка на Комисијата за еднакви можности организирала јавна надзорна расправа за заштита на жените од насилство. Седум месеци подоцна, Собранието сè уште нема објавено заклучоци со конкретни рокови и обврски за институциите.
Од Мрежата потсетуваат дека на 26 август 2026 година, Пешевска заедно со други пратенички од ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка ги поднела измените на Законот за заштита од насилство врз жените. Речиси три месеци по поднесувањето, предлог-законот не е ставен на дневен ред, а од организацијата посочуваат дека пратеничката молчи за блокадата на сопствениот предлог.
„Од претседателката на Комисијата за еднакви можности очекуваме конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените. Бараме одговорност и резултати“, соопштија од Мрежата за заштита од дискриминација.
Покрај застојот со законите против насилство, граѓанската организација ја прозва Пешевска и за одлуките на парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ од април 2025 година. Тогаш од образовните закони биле избришани одредбите за родовата еднаквост, сексуалното и репродуктивното здравје и основите за заштита од дискриминација.
Од Мрежата истакнуваат дека родовата нееднаквост е во коренот на насилството врз жените и ја обвинуваат Пешевска дека со легитимирањето на антиродовите движења и екстремистичките религиозни групи нанесува штета врз правата на жените.
Во текот на 2026 година во Македонија се регистрирани седум фемициди, а пред Пешевска на „Ѕидот на срамот“ беа поставени претседателот на Собранието, Африм Гаши, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
