Зелка или карфиол: која намирница е подобра за цревата?

Двата зеленчука содржат влакна и растителни соединенија што можат да го поддржат варењето. Зелката има една дополнителна предност – може да се ферментира, но тоа не значи дека карфиолот е помалку здрав.

Зелката и карфиолот често се наоѓаат на трпезата, особено во студените месеци. И двата се богати со хранливи материи што придонесуваат за здравјето на дигестивниот систем, но ако треба да се избере еден, нутриционистите издвојуваат мала предност за зелката – пред сè поради киселата зелка и кимчито.

Здравјето на цревата влијае врз многу повеќе процеси во организмот отколку само варењето на храната. Во цревата живеат милијарди микроорганизми што учествуваат во функционирањето на имунолошкиот систем, метаболизмот и регулирањето на воспалителните процеси.

Кога рамнотежата на цревната микрофлора е нарушена, може да се појават различни дигестивни тегоби. Од друга страна, разновидната исхрана со многу намирници од растително потекло се поврзува со побогат цревен микробиом и подобро општо здравје.

Токму затоа зелката и карфиолот се добар избор. И двата припаѓаат на семејството крстовидни зеленчуци и содржат витамин Ц, витамин К, фолати, влакна и антиоксиданси. Нутриционистите за порталот „Итинг вел“ објаснуваат како влијаат врз цревата и дали едниот има предност.

Како зелката придонесува за здравјето на цревата?

Помага во редовното празнење на цревата

Една шолја свежа зелка содржи приближно два грама влакна, претежно нерастворливи. Тие ја зголемуваат масата на столицата и го поттикнуваат нејзиното движење низ цревата, а со тоа можат да помогнат во спречувањето на запекот. За ова е важен и доволниот внес на вода.

Ферментираната зелка, како киселата зелка и кимчито, може да има и дополнителни придобивки. Истражувањата ја поврзуваат консумацијата на ферментирана храна со поредовно празнење на цревата, подобра конзистенција на столицата и можни промени во цревниот микробиом.

Одредени истражувања покажуваат и потенцијално поволно влијание на кимчито кај лица со синдром на нервозно дебело црево, но доказите сè уште не се доволни за да се смета за третман на оваа состојба.

Може да придонесе за намалување на воспалителните процеси

Зелката и карфиолот содржат глукозинолати – растителни соединенија што при сечење и џвакање, со помош на ензимот мирозиназа, можат да се претворат во изотиоцијанати. Овие соединенија се истражуваат поради нивните антиоксидативни и потенцијални противвоспалителни својства, како и поради можната интеракција со цревните бактерии.

Црвената и виолетовата зелка содржат и антоцијанини – полифеноли што им ја даваат карактеристичната боја. Цревните бактерии ги разградуваат овие соединенија, при што можат да настанат метаболити што влијаат врз различни процеси во организмот.

Важна улога имаат и кратковерижните масни киселини, како ацетатот, бутиратот и пропионатот. Тие настануваат кога цревните бактерии ферментираат одредени влакна и учествуваат во одржувањето на здравјето на цревната слузница и регулирањето на воспалителните процеси.

Помага во одржувањето на заштитната бариера на цревата

Цревната бариера ја пропушта храната и корисните хранливи материи, а истовремено го ограничува продирањето на штетни супстанции. Нејзиното правилно функционирање е важно за здравјето на целиот организам.

Кратковерижните масни киселини, особено бутиратот, се важен извор на енергија за клетките што го обложуваат дебелото црево. На тој начин помагаат во одржувањето на неговата заштитна функција.

Ферментираната зелка може да има дополнителни придобивки. Во текот на ферментацијата се создаваат различни микроорганизми и соединенија, а одредени истражувања укажуваат дека тие можат да помогнат во заштитата на цревната бариера.

Како карфиолот влијае врз цревата?

Содржи соединенија со антиоксидативни својства

Како и зелката, карфиолот припаѓа на семејството крстовидни зеленчуци и содржи глукозинолати. При сечење и џвакање, дел од нив може да се претворат во изотиоцијанати.

Овие растителни соединенија се истражуваат поради нивните антиоксидативни и потенцијални противвоспалителни својства. Научниците испитуваат и дали можат да придонесат за зачувување на цревната бариера.

Влакната ги хранат корисните бактерии

Една шолја карфиол содржи приближно два грама влакна. Тие придонесуваат за редовно празнење на цревата, а одредени видови влакна служат и како храна за корисните цревни бактерии.

Кога бактериите ги разградуваат и ферментираат овие влакна, произведуваат кратковерижни масни киселини. Тие ги хранат клетките на дебелото црево и учествуваат во одржувањето на неговата заштитна бариера.

Истражувањата покажуваат и дека растителните соединенија од карфиолот можат да стапат во интеракција со цревните бактерии и да создадат различни метаболити. Нивното влијание врз здравјето сè уште се проучува.

Зелка или карфиол: што е подобар избор?

Според нутриционистите, кога станува збор за здравјето на цревата, резултатот е речиси изедначен. И зелката и карфиолот содржат влакна и корисни растителни соединенија што придонесуваат за нормално функционирање на дигестивниот систем.

Сепак, зелката може да има мала предност поради можноста да се ферментира и да се користи за подготовка на кисела зелка и кимчи. Во зависност од начинот на подготовка и обработка, овие намирници можат да содржат живи микроорганизми и други соединенија создадени во процесот на ферментација.

Тоа не значи дека карфиолот е помалку здрав. И тој може да се ферментира, но неговите потенцијални придобивки за цревниот микробиом се помалку истражени.


Најважно е во исхраната да не се потпирате само на една намирница. Разновидноста на зеленчукот и овошјето обезбедува поширок спектар на влакна, витамини и растителни соединенија што ги поддржуваат различните микроорганизми во цревата. Затоа, најдобриот избор е редовно да ги вклучувате и зелката и карфиолот во исхраната, заедно со други видови зеленчук.

е-Трн да боцка во твојот инбокс