Бензинците и дизелашите губат чекор: Електричните автомобили направија пресврт на европскиот пазар

Во октомври во Европската Унија биле регистрирани речиси 280.000 нови електрични автомобили, за 61,4 отсто повеќе отколку пред една година. Хибридите, сепак, остануваат најпопуларниот избор на купувачите.

Електричните автомобили направија значаен пресврт на пазарот на нови возила во Европската Унија. Во октомври 2026 година биле регистрирани 279.799 целосно електрични автомобили, речиси 70.000 повеќе од вкупниот број нови бензински и дизел-автомобили заедно.

Според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (АЦЕА), регистрациите на електрични автомобили пораснале за 61,4 отсто во споредба со октомври минатата година. Во истиот период биле регистрирани 158.970 бензинци и 51.177 дизел-автомобили, односно вкупно 210.147 возила со овие два типа мотори.

Разликата изнесува 69.652 автомобили во корист на електричните модели. Ова е пресврт во однос на октомври 2025 година, кога бензинците и дизелашите заедно имале предност од околу 127.000 возила.

Германија и Франција го забрзаа растот

Најголем придонес за растот на електричните автомобили имаат Германија и Франција. Двете земји заедно забележале околу 69.500 повеќе регистрации на електрични автомобили во споредба со октомври 2025 година.

Во Германија биле регистрирани 94.086 електрични автомобили, кои учествувале со 37 отсто во пазарот на нови возила. Во Франција биле регистрирани речиси 62.000, со што електричните модели ги надминале и класичните хибриди. Промената се забележува и во помалите пазари, но не се одвива со исто темпо. Во Романија електричните автомобили ги надминале бензинците за само седум возила – 1.495 наспроти 1.488 регистрации. Кога ќе се додадат и дизел-автомобилите, возилата со мотори со внатрешно согорување сè уште се побројни.

Хибридите и понатаму се најпопуларни

И покрај брзиот раст на целосно електричните автомобили, хибридите остануваат најчестиот избор на купувачите во ЕУ. Во првите десет месеци од 2026 година тие учествувале со 36 отсто во вкупните регистрации, додека целосно електричните автомобили достигнале удел од 23,4 отсто. Во истиот период биле регистрирани 2,21 милион целосно електрични автомобили, наспроти 2,62 милиона бензински и дизел-возила заедно. Тоа значи дека на ниво на целата година сè уште има повеќе нови бензинци и дизелаши, иако нивната предност значително се намалила.

Електричните автомобили бележат раст и благодарение на пошироката понуда на модели, вклучително и попристапни мали градски возила. Меѓу поновите модели се „Рено 5“, „Купра Равал“ и „Фолксваген ИД. Поло“.


Податоците покажуваат дека електричниот погон сè повеќе освојува простор на европскиот пазар, но не значат дека бензинските и дизел-автомобилите веќе се надминати во вкупните годишни регистрации. Октомврискиот резултат е важен пресврт во продажбата на нови возила, додека хибридите засега остануваат најзастапени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс