Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за CNN изјави дека Украина не може да чека да заврши војната со Иран за повторно да се придвижат разговорите и поддршката поврзани со руската агресија, предупредувајќи дека подолг конфликт на Блискиот Исток би можел да ја загрози и украинската противвоздушна одбрана, особено во делот на американските противракетни системи.
Зеленски истакна дека Украина добила ограничен број такво оружје бидејќи американските производствени капацитети се ограничени, но дека засега немало прекин ниту во испораките ниту во размената на разузнавачки информации. Тој додаде дека Украина успеала да обезбеди американско оружје преку програмата PURL, според која земјите членки на НАТО можат да финансираат набавка на оружје за Киев.
Иако тој за CNN нагласи дека е отворен за примирје со Русија, сепак не очекува тоа да се случи наскоро бидејќи вниманието на САД се префрлило на Блискиот Исток. Иако техничките разговори со САД сè уште се водат, тој не „гледа можност за средба … сè додека не се затвори прашањето за Иран“ или не се постигне некакво „суштинско примирје“ меѓу САД, Израел и Иран.
Украинскиот лидер рече дека не е прифатливо да се каже дека „за Украина ќе зборуваме малку подоцна. … Украина не е ‘малку подоцна’. Украина веќе е во толку голема трагедија, мора да најдеме начин со ова да се управува паралелно.“
Овој „предизвик“ доаѓа од самиот фат што истиот тим американски преговарачи, предводен од специјалниот пратеник на САД Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ги води и разговорите за војната во Иран и разговорите за Украина.
Говорејќи за финансиската поддршка, само неколку часа откако Европската унија конечно одобри клучен заем од 90 милијарди евра за Украина, Зеленски рече дека тие средства се прашање на „живот и опстанок“ за неговата земја.