Заврши војната меѓу САД и Иран: Се отвора Ормутскиот Теснец

САД и Иран потпишаа меморандум за прекин на воените операции, отворање на Ормутскиот Теснец и постепено укинување на санкциите. Следуваат 60 дена преговори за конечен мировен договор.

Соединети Американски Држави и Иран електронски потпишаа меморандум за разбирање со кој официјално започнува процесот за прекин на воените дејствија и нормализација на односите меѓу двете земји. Според американски извори, документот веќе стапил во сила, а го потпишал американскиот претседател Доналд Трамп. Иако официјалната церемонија е закажана за петок во Швајцарија, двете страни одлучиле договорот да започне да се применува веднаш.

Меморандумот предвидува итен и траен прекин на сите воени операции меѓу САД и Иран, како и нивните сојузници, вклучително и на фронтовите поврзани со Либан. Двете страни се обврзуваат да не започнуваат нови воени акции и да се воздржат од закани или употреба на сила.

Еден од најважните делови на договорот е повторното отворање на Ормутски Теснец, низ кој минува околу 20 проценти од светската трговија со нафта. Вашингтон се обврзува постепено да ја укине поморската блокада кон Иран, додека Техеран ќе обезбеди безбеден премин за трговските бродови без дополнителни такси во наредните 60 дена.

Договорот содржи и амбициозен економски пакет. САД, заедно со регионалните партнери, ќе подготват план за економска обнова на Иран вреден најмалку 300 милијарди долари. Воедно е предвидено постепено укинување на меѓународните и американските санкции, како и деблокирање на дел од замрзнатите ирански средства.

Нуклеарната програма останува најчувствителното прашање. Иран повторно потврди дека нема да развива нуклеарно оружје, а во следните 60 дена ќе се водат интензивни разговори за иднината на програмата и за третманот на резервите од високо збогатен ураниум под надзор на Меѓународна агенција за атомска енергија. Американски и ирански претставници во петок треба да одржат средба во Швајцарија, каде ќе ги започнат разговорите за конечен мировен договор кој треба трајно да ги регулира односите меѓу Вашингтон и Техеран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс