Се најавува затворање универзитети и институти, но нема јасен план за заштита на студентите

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека Министерството спроведува засилени проверки во високото образование и дека, доколку не се отстранат утврдените неправилности, дел од универзитетите би можеле да останат без акредитации, а институциите да бидат затворени.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Охрид, Јаневска изјави дека во моментов се спроведува мониторинг на најмалку пет универзитети, додека паралелно е во тек постапка за затворање на уште пет или шест научни институти. Според неа, досега веќе се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа поради утврдени неправилности во работењето.

Министерката рече дека првите евалуации, кои се спроведуваат со странски експерти преку Агенцијата за квалитет во високото образование, покажале дека дел од високообразовните установи работат согласно стандардите, но кај други се констатирани сериозни недостатоци. Таа најави дека на институциите прво ќе им бидат дадени законски рокови да ги отстранат неправилностите, а доколку тоа не го сторат, ќе им бидат одземени акредитациите и ќе следува затворање.

Јаневска оцени дека состојбата е поинаква од претходно, бидејќи, како што рече, Агенцијата за квалитет во високото образование сега активно функционира и спроведува евалуации, за разлика од минатото кога, според неа, „само се доделувале акредитации“.

Министерката не откри кои универзитети се предмет на мониторинг, ниту кои институти се во постапка за затворање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс