Затемнување на Сонцето на 12 август: Првото вакво во Европа од 1999 година – и што ќе се види од Македонија

На истиот ден кога врвот на Персеидите ќе го направи небото најбогато со „ѕвезди што паѓаат“, попладнето над Европа ќе помине сенката на Месечината, првото целосно затемнување на Сонцето видливо од делови на континентална Европа по 27 години. Од Македонија, ефектот ќе биде посуптилен, но сепак видлив.

Во среда, 12 август 2026 година, ќе се случи целосно затемнување на Сонцето, астрономски настан при кој сенката на Месечината ќе помине преку делови од Русија, Гренланд, Исланд и Шпанија, за првпат на европско тло од 1999 година. Од Македонија, настанот нема да се види како целосно затемнување, туку како делумно, Месечината ќе прекрие само мал дел од сончевиот диск во попладневните часови, непосредно пред зајдисонце.

Што всушност е затемнување на Сонцето?

Затемнување на Сонцето се случува кога Месечината, во својата орбита околу Земјата, поминува точно меѓу Земјата и Сонцето и привремено го блокира погледот кон сончевиот диск од одредени точки на нашата планета. Бидејќи Месечината е многу помала од Сонцето, но и многу поблиску до Земјата, двете тела на небото привидно изгледаат речиси еднакви по големина. Токму оваа случајна геометриска совпаднатост овозможува Месечината понекогаш целосно да го покрие Сонцето.

Затемнувањата не се случуваат секој месец, иако Месечината секој месец поминува меѓу Земјата и Сонцето. Причината е тоа што орбитата на Месечината е благо наклонета во однос на орбитата на Земјата околу Сонцето. Трите тела мора да се најдат во речиси совршена линија за да настане затемнување.

Целосно наспроти делумно затемнување

Кога Месечината целосно го покрива сончевиот диск, гледано од одредена точка на Земјата, станува збор за целосно затемнување. Тоа е редок и краткотраен настан, видлив само од тесна лента на површината на планетата, позната како „патека на тоталноста“. Надвор од оваа патека, но во пошироката област околу неа, набљудувачите гледаат делумно затемнување Месечината покрива само дел од сончевиот диск, без целосно да го скрие. Токму делумно затемнување ќе биде видливо од Македонија.

Каде ќе се случи целосното затемнување?

Патеката на тоталноста на 12 август 2026 година е исклучително необична. Таа започнува на изгрејсонце над оддалечен и ненаселен дел од Сибир, во Русија. Оттаму, сенката на Месечината се движи преку Арктикот, ги допира источниот дел на Гренланд и западниот брег на Исланд, потоа минува преку Северниот Атлантик и конечно навлегува во Европа преку северна Шпанија и мал дел од Португалија.

Во овие делови на Европа затемнувањето ќе се случи доцна попладнето, непосредно пред зајдисонце.

Патеката на тоталноста ќе биде широка до околу 290 километри, а максималното траење на целосната фаза ќе изнесува околу 2 минути и 18 секунди, над отворениот океан во близина на западниот брег на Исланд. Главниот град Рејкјавик, исто така, ќе биде во патеката на тоталноста, каде целосното затемнување ќе трае околу една минута. За Шпанија ова ќе биде прво целосно затемнување видливо од нејзината територија по повеќе од сто години, додека за континентална Европа ќе биде првото вакво затемнување по 1999 година.

Делумно затемнување – многу поширок опфат

Надвор од тесната патека на тоталноста, делумното затемнување ќе биде видливо на многу поширока територија, речиси низ цела Европа, делови од Северна Африка, крајниот исток на Северна Америка и Гренланд.

Колку е поблиску набљудувачот до патеката на тоталноста, толку поголем дел од сончевиот диск ќе биде покриен. Франција, Британските Острови и остатокот од Пиринејскиот Полуостров ќе видат значителна делумна фаза, која постепено ќе се намалува кон југ и исток.

Што ќе се види од Македонија?

Од Скопје, а практично и од целата територија на Македонија, со мали временски разлики од неколку минути, делумното затемнување ќе биде видливо попладнето на 12 август. Според пресметаните локални времиња, почетокот се очекува околу 19:29 часот, максимумот околу 19:36 часот, со покриеност на сончевиот диск од околу 12 проценти, а крајот околу 19:39 часот по локално време.

Бидејќи Сонцето во тој момент ќе биде многу ниско над хоризонтот, дури и мал облак или околен рид може целосно да го попречи погледот. Затоа е потребно место со чист поглед кон западниот хоризонт.

Задолжителна безбедност

Без разлика колку е мала покриеноста на Сонцето, гледањето директно во него без соодветна заштита никогаш не е безбедно, дури ни за време на делумно затемнување. Единствениот исклучок е краткиот период на целосна тоталност, кога сончевиот диск е целосно покриен. Таква фаза, сепак, нема да има од Македонија.

За набљудување на делумната фаза задолжителни се специјални заштитни очила за набљудување на затемнувања, изработени според соодветни меѓународни безбедносни стандарди. Обичните очила за сонце не обезбедуваат заштита.

Алтернативно, безбеден начин за индиректно набљудување е таканаречениот „pinhole“ проектор – едноставна направа со мала дупка низ која сончевата светлина се проектира на површина, без директно гледање во Сонцето.

Двоен спектакл во иста ноќ

Токму на истиот датум, само неколку часа по делумното затемнување, ноќта ќе го донесе и врвот на метеорскиот дожд Персеиди. Двата настани немаат никаква физичка поврзаност ,станува збор за чиста календарска коинциденција, но комбинацијата сепак нуди редок повод за љубителите на астрономијата целиот ден и вечер да ги посветат на набљудување на небото.

Следна шанса

Доколку затемнувањето на 12 август го пропуштите, следната прилика доаѓа релативно брзо. На 2 август 2027 година, ново целосно затемнување ќе биде видливо од Шпанија, Северна Африка и Блискиот Исток. Потоа, на 26 јануари 2028 година, прстенесто затемнување ќе се гледа од Јужна Америка, Португалија и Шпанија.

И двата идни настани, според достапните мапи, повторно ќе нудат само делумна фаза за остатокот од Европа, вклучително и за Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс