Високите температури носат ризици: Почитувајте ги препораките за заштита од топлотниот бран

Здравствените институции апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, да пијат вода, да избегнуваат сонце и да внимаваат на хронично болните лица.

Надлежните здравствени институции апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, со цел да се намали ризикот од здравствени компликации во текот на топлите летни денови.

Се препорачува да се избегнува престој на директно сонце и физичка активност на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, кога температурите се највисоки.

Доколку престојот надвор е неопходен, граѓаните треба да прават почести паузи во сенка и да избегнуваат подолга изложеност на сонце.

Лесна облека, сенка и проветрени простории

Совет е да се носи лесна и светла облека, како и капа и очила за сонце, а најголемиот дел од денот да се поминува во климатизирани или добро проветрени простории.

Во домовите, прозорците и ролетните треба да бидат затворени преку ден, а да се отвораат навечер кога температурите се пониски.

Пијте доволно вода во текот на целиот ден

Лекарите препорачуваат внесување доволно течности во текот на целиот ден, пред сè вода, без да се чека чувство на жед.

Треба да се избегнуваат алкохолни пијалаци, кофеин, многу ладни напитоци, како и тешка, мрсна и висококалорична храна.

Не оставајте деца, стари лица и миленици во возила

Посебен апел е упатен до граѓаните никогаш да не оставаат деца, стари лица или домашни миленици во паркирани возила, бидејќи температурата во нив за кратко време може опасно да се зголеми.

На лицата со хронични заболувања, особено со кардиоваскуларни, белодробни и невролошки болести, им се препорачува редовно да ја земаат пропишаната терапија и при каква било промена на здравствената состојба веднаш да се консултираат со својот матичен лекар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс