ИЈЗ советува: Уживајте во летото, но заштитете се од сексуално преносливи инфекции

Навременото тестирање и правилната превенција се клучни за зачувување на репродуктивното здравје

Институтот за јавно здравје упати апел за зголемена свесност и заштита од сексуално преносливи инфекции (СПИ) за време на летниот период. Преку едукативни материјали и препораки, здравствените работници потсетуваат дека незаштитените односи носат сериозни ризици, а многу од инфекциите можат долго време да поминат без никакви симптоми.

Сексуално преносливите инфекции најчесто се пренесуваат преку незаштитен вагинален, анален или орален контакт. Предизвикани од бактерии, вируси или други микроорганизми, овие инфекции често остануваат незабележани. Лице кое нема никакви симптоми сепак може да биде преносител на инфекцијата.

Доколку не се лекуваат навреме, СПИ можат да доведат до сериозни здравствени компликации. Меѓу нив се хронични воспаленија на репродуктивните органи, проблеми со плодноста, компликации за време на бременоста и зголемен ризик од одредени видови рак.

Кои се најчестите бактериски и вирусни СПИ?

Меѓу најраширените инфекции се издвојува Хуманиот папилома вирус (ХПВ), кој има над 100 типови. Некои предизвикуваат генитални брадавици, додека високоризичните типови можат да доведат до рак на грлото на матката, анусот или грлото.

Хламидијата и гонорејата се чести бактериски инфекции, особено кај помладата популација. Хламидијата често е асимптоматска, додека гонорејата може да се манифестира со болка и исцедок. И двете можат да предизвикаат неплодност доколку не се третираат. Кај гонорејата дополнителен предизвик е сè поголемата отпорност на бактеријата кон антибиотици.

Сифилисот се развива во неколку фази, од безболна раничка во почетната фаза, преку кожни осипи, до тешки оштетувања на нервниот систем и срцето во доцните фази.

ХИВ го напаѓа имунолошкиот систем, но со современата антиретровирусна терапија лицата кои живеат со вирусот можат да имаат долг и квалитетен живот.

Гениталниот херпес и Хепатитис Б се исто така вирусни заболувања кои бараат соодветен медицински третман и превенција.

Кондомот и вакцинацијата се главни столбови на заштитата

За намалување на ризикот од инфекции, ИЈЗ ги истакнува следниве основни препораки:

  • Правилна и конзистентна употреба на кондом при секој сексуален однос.
  • Редовно тестирање, особено при менување партнери или сомнителен контакт.
  • Вакцинација против ХПВ и Хепатитис Б како најефикасна заштита од овие вируси.
  • Навремена посета на лекар при појава на необичен исцедок, печење или болка.
  • Избегнување самолекување со антибиотици без лекарска препорака.

е-Трн да боцка во твојот инбокс