Црна Гора би можела да ги заврши пристапните преговори со Европската Унија до крајот на годинава и да го потпише договорот за пристапување веќе во јуни 2027 година. Ова е проценката на Европската комисија во годишниот извештај за проширувањето, објавен на 4 ноември.
Комисијата оценува дека ваквата временска рамка е реално остварлива благодарение на континуираните напори на земјата за спроведување на потребните реформи. Сепак, станува збор за можен распоред, а не за договорен датум на потпишување или членство.
Според Комисијата, ова е првпат по завршувањето на преговорите со Хрватска во 2011 година ЕУ да биде во позиција наскоро да ги затвори преговорите со уште една кандидатка.
Црна Гора има привремено затворено 21 поглавје
Во пакетот за проширување, Европската комисија наведува дека Црна Гора досега привремено затворила 21 преговарачко поглавје. Преостанатите би можеле да бидат затворени до крајот на 2026 година, доколку земјите членки се согласат.
Работата на договорот за пристапување веќе е во тек. Комисијата нагласува дека продолжувањето на реформите и широкиот политички консензус остануваат неопходни за завршување на процесот.
Проценката е значајна и за Западен Балкан, бидејќи поставува конкретна временска рамка за приближување на една земја од регионот кон членство. Таа, сепак, се однесува на напредокот на Црна Гора и не претставува заеднички рок за останатите кандидати.
Потпишувањето не значи веднаш и членство
Завршувањето на преговорите и потпишувањето на договорот се одделни фази од полноправното членство.
Пред потпишувањето се потребни согласност од Европскиот парламент и едногласно одобрување од Советот на ЕУ. Потоа договорот треба да биде ратификуван од сите земји членки и од земјата што пристапува, според нивните уставни процедури.
Државата станува членка на датумот утврден во договорот, откако ќе бидат исполнети условите за негово стапување во сила. Затоа, јуни 2027 година засега е можен термин за потпишување, а не потврден датум за влез на Црна Гора во Унијата
