Meta подготвува заштита од неовластено снимање за паметните очила

Нов патент предвидува физичко исклучување на сензорите за да се спречи тајно снимање кое предизвика лавина критики.
Фото: cavebear42, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Компанијата Meta подготвува заштита од неовластено снимање за своите паметни очила преку ново хардверско решение кое целосно ги исклучува сензорите за снимање. По низа јавни критики дека уредот овозможува лесно и тајно снимање луѓе без нивна дозвола, технолошкиот гигант доби патент за посебно коло кое физички ја оневозможува камерата и не дозволува заобиколување преку софтверски пропусти.

Документот за новиот патент, одобрен минатата недела, опишува систем за потрошувачки уреди за проширена реалност со директно исклучување на сензорите на хардверско ниво. Ова значи дека корисникот или системот можат физички да го прекинат напојувањето на камерата.

Таквото коло оневозможува повторно активирање преку софтверски манипулации или хакерски упади. Со тоа заштитата на приватноста станува отпорна на дигитални модификации.

Очилата што Meta ги разви во соработка со брендот Ray-Ban изминатиот период се соочија со сериозен отпор од јавноста. Уредот доби негативни реакции поради можноста луѓе да бидат снимани без нивна согласност, па дури и без воопшто да бидат свесни за тоа.

Постојниот систем за заштита користи светлосен индикатор на предната страна кој свети додека камерата работи. Сепак, на интернет брзо се раширија методи и упатства за негово физичко покривање или исклучување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс