Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, неодамна започна со подготовки на дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претставата е во копродукција помеѓу Театар „Златен Елец“ и Центарот за култура во Битола, но покрај матичната сцена за претставата, планот е да патува насекаде низ државата како дел од редовната практика на овој независен театар.
Во претставата играат актерките Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, музиката е на Лука Тошев, а извршен продуцент на претставата е Бобан Алексоски.„Свињи“ е една мошне уникатна и иронична драма која преку комбинација на апсурд, црн хумор и гротеска, го отвора прашањето за моќта, смислата, одговорноста, самотијата и бегството од реалноста.
Ликовите, иако затворени во својот свет, ја рефлектираат нашата општествена потреба за контролирање на другите, за проектирање на неуспеси и за создавање паралелни реалности во кои насилството се перцепира како нужност, а не како зло. Делото се смета за една од најизведуваните драми на Томислав Зајец и важен дел од современиот хрватски драмски канон.
„Претставата не само што ќе ни раскажува една навидум комична приказна за две сестри туку и ќе бара одговори на многу суштински прашања поврзани со човековото постоење. Оваа приказна не е обид да се осудува, туку да се разбере, се обидува да се покаже како се раѓа насилство во свет што со генерации оди по истиот насилен пат без длабоки и суштински промени и практикување на емпатија, отварајќи го прашањето – Што значи да се биде човек во еден систем што се однесува како фарма?.
„Свињи“ не е само драма или обичен комичен текст со апсурдни елементи, тоа е еден вид егзистенцијална состојба.“, вели режисерката Тамара Стојаноска во својата експликација за претставата.
Премиерата на претставата ќе биде на почетокот од месец јули во @centarzakultura Битола, а потоа следуваат изведби низ државата и учества на фестивали. Проектот е поддржан во рамките на годишната програма на Министерството за култура и туризам.