Слободен влез, три дена и над 100 артисти во Штип! Во Штип започна одржувањето на најголемиот опен-ер музички фестивал во Македонија – Д ФЕСТИВАЛ!
Со тридневна програма која деноноќно ќе се одржува од 26 до 28 јуни, градот Штип е домаќин на илјадници посетители од земјава и регионот, како и стотици артисти кои ќе приредат над 80 музички концерти на 5 сцени. Годинава во полн сјај се враќаат фестивалскиот камп и неверојатното шаренило од дополнителните културно-уметнички, спортски и забавни содржини во славната Плоштарт зона на оваа манифестација.
Денеска точно на пладне официјално беа отворени фестивалските порти за 16-тото издание на Д Фестивал, а целата фестивалска програма е отворена со слободен влез за сите посетители.
„Сметаме дека во време кога културата се соочува со сериозни предизвици, важно е да направиме сѐ што можеме за да ја доближиме до луѓето. Ги отвораме вратите на Д Фестивал, овозможуваме тој да биде достапен за што повеќе луѓе и веруваме дека токму културата и уметноста треба да бидат просторот што нѐ обединува“, вели Огнен Стојаноски од организацискиот тим на Пасворд Продакшн.
Првата Фестивалска вечер претставува и ексклузивна хип-хоп едиција која ја предводи американската хип-хоп легенда Диџеј Премиер, но и рап милениците од регионот Смоке Мардељано, Фат Фили и домашните култни претставници на жанрот Страјк и Гоце САФ. Покрај нив, вечерва на главната бина ќе настапат и популарните македонски хитмејкери, Дупер!
Своите настапи на годинашниот Д Фестивал ги потврдија повеќе светски ѕвезди од калибарот на светскиот феномен на електронската музика Борис Брејча, култниот британски бенд Ајдлес, германските метал ѕвезди Дистракшн и фантастичните Сон Ромпе Пера од Мексико и други!
Списокот на музички гости претставува и регионални ѕвезди како Бајага и Инструктори – еден од највлијателните автори и изведувачи на регионалната рок-сцена со репертоар составен од безвременски хитови кои со децении ги обединуваат генерациите низ целиот Балкан, а тука се и дел од најквалитетните претставници на оваа сцена – легендарните Јура Стублиќ и група Филм, потоа КОИКОИ, Марко Настиќ, Лелее, како и најбројните во програмата, уметниците од македонската музичка сцена: Пич Вајз, Флудер, Фикшн, Телемама, Конспираси, Хајка, Кем и уште десетици други.
Покрај маратонската музичка програма, Д Фестивал претставува и импозантна дополнителна програма со културни содржини под кураторство на бројните мултидисциплинарни креативци кои се автентично обележје на Д Фестивал, а централно место во тој дел е Плоштарт. Активностите во ПлоштАрт зоната го дишат фестивалскиот дух.
Во соработка со над 20 организации од Штип и околината, програмата на ПлоштАрт зоната ќе им овозможи на посетителите да се информираат, едуцираат или испробаат во голем број разновидни активности, како што се џиу џицу, карате или таекводно, изработка на авиони оригами и скицирање, аеробик, јога, шах, историјата на кајакарењето по р.Брегалница, активностите на невладините организации ХЕРА и АИСЕК… Учесници ќе бидат и КУД Ристо Донев, фудбалскиот клуб Мал Ајакс, Аеро Клуб Штип, кои ќе ги презентираат своите активности.
Целата фестивалска програма е со слободен влез.
Оваа година се врати и Д Кампот, а за посетителите кои ќе го одберат овој тип на сместување, во многу ограничен број достапни се билетите за кампинг-место по цена од 600 денари.
Целосниот распоред на програмата по денови е објавен на dfestival.mk .