Западнонилската треска се шири: Нови три случаи, првпат откриен вирусот и во Арачиново

Уште три случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија. Бројот на заболени достигна 34, а вирусот првпат сезонава е детектиран и во Арачиново.

Западнонилската треска продолжува да се шири во скопскиот регион. Потврдени се уште три случаи, со што вкупниот број на заболени во земјава достигна 34. Нов случај за првпат сезонава е регистриран и кај жител на Арачиново, потврдуваат од Центарот за јавно здравје – Скопје.

Најголем број случаи досега се регистрирани во Кисела Вода и Аеродром, а речиси половина од сите заболени се од Драчево. Епидемиологот Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје – Скопје посочува дека во Арачиново постојат услови кои можат да придонесат за размножување на комарците – канали, базени и застојани води.

Според неа, следната година треба порано да започне дезинсекцијата, но потребно е и да се анализира дали комарците можеби развиле отпорност кон средствата што се користат, за по потреба тие да бидат заменети. Во Македонија досега се регистрирани и два смртни случаи поврзани со западнонилска треска. Станува збор за пациенти на 72 и 83 години, кои покрај инфекцијата имале и повеќе хронични заболувања.

На 12 август Центарот за јавно здравје – Скопје прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери. Со новите случаи, бројот на потврдени заболени достигна 34.

е-Трн да боцка во твојот инбокс