Западнонилската треска не e секогаш тешка болест: Само 1% развиваат невроинвазивна форма, ризикот расте со возраста

Д-р Фадил Цана објаснува колку често западнонилската инфекција преминува во тешка форма, кои лица се најризични и кои симптоми бараат итна лекарска помош.

Западнонилската треска кај најголем дел од заразените поминува без симптоми или со лесна клиничка слика, но кај мал дел од пациентите може да предизвика сериозно воспаление на мозокот или мозочните обвивки. Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, во гостувањето во емисијата „Аргумент плус“ ја објасни разликата меѓу инфекцијата со вирусот и најтешката форма на заболувањето, како и кои лица се изложени на најголем ризик.

Кај 80 отсто инфекцијата минува без симптоми

Според д-р Цана, околу 80 отсто од лицата инфицирани со западнонилскиот вирус немаат симптоми или инфекцијата ја поминуваат речиси незабележливо. Кај околу 20 отсто од заразените се појавуваат полесни или умерени симптоми, додека приближно еден отсто развиваат невроинвазивна форма на заболувањето – воспаление на мозокот или на мозочните обвивки.

Токму пациентите со најтешката клиничка слика најчесто завршуваат на Клиниката за инфективни болести. Затоа бројот на хоспитализирани пациенти не ја покажува и вкупната распространетост на вирусот во популацијата.

Досега на Клиниката биле хоспитализирани околу 60 пациенти со невроинвазивна форма. Според Цана, тоа упатува на можност во скопскиот регион да имало илјадници инфекции кои поминале без тешки симптоми.

Осум пациенти сè уште се лекуваат

Во моментот на Клиниката се лекуваат осум пациенти, од кои двајца се во потешка состојба и се на интензивна нега со механичка вентилација. Во земјава досега се регистрирани и осум смртни случаи поврзани со инфекцијата. Ризикот од развој на тешка форма не е ист кај сите.

Возраста е еден од факторите кои можат значително да влијаат врз текот на инфекцијата. Повозрасните лица, луѓето со хронични заболувања и лицата со ослабен имунолошки систем имаат поголем ризик да развијат тешка клиничка слика. Кај помладите и кај лицата со добар имунолошки статус инфекцијата најчесто поминува полесно.

Нема специфичен лек

За западнонилската треска не постои специфичен антивирусен лек. Третманот е главно симптоматски и супортивен, а кај пациентите со најтешка форма може да биде потребна и респираторна поддршка. По каснување од заразен комарец, инкубацијата обично трае од три до 14 дена. Висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, дезориентација и нарушување на свеста се симптоми кои може да укажуваат на сериозна форма на инфекцијата и бараат итна медицинска процена.

Кај сомнителните случаи, дијагнозата може да се потврди со анализа на цереброспиналната течност, добиена со лумбална пункција.

Последиците може да траат долго по инфекцијата

Закрепнувањето по невроинвазивната форма не завршува секогаш со надминувањето на акутната инфекција. Според Цана, опоравувањето може да трае недели или месеци, а кај дел од пациентите и до една година. По акутната фаза може да останат замор, мускулна слабост и други невролошки тегоби.

Во такви случаи во понатамошниот третман може да бидат вклучени невролози, физијатри и матични лекари. Овие тегоби, како што објаснува Цана, не значат дека пациентот повторно се заразил или дека вирусот преминал во хронична инфекција, туку можат да бидат последица од оштетувањата предизвикани за време на тешката форма на заболувањето.

Бранот стивнува, но комарците сè уште се активни

Западнонилскиот вирус годинава циркулира во повеќе европски земји, меѓу кои Италија, Грција, Франција, Романија, Србија и Северна Македонија. Според Цана, бранот на инфекции постепено се намалува, на што влијаат дезинсекцијата и приближувањето на крајот на летната сезона. Сепак, опасноста не исчезнува веднаш со календарскиот крај на летото. Активноста на комарците може да продолжи и во октомври, а доколку времето остане потопло, и во ноември.

Токму затоа, и во наредниот период остануваат важни мерките за заштита од каснување од комарци, особено кај повозрасните и лицата со хронични заболувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс