Во Грција интензивно расте бројот на заразени од вирусот Западен Нил, со регистрирани 110 случаи од почетокот на летото и девет смртни случаи кај постари лица. Според Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), само во изминатата недела се забележани 45 нови инфицирани граѓани. Здравствените власти предупредуваат дека вирусот најсилно го погоди регионот на Атика и најавуваат засилени мерки за дезинсекција.
Според последниот извештај на ЕОДИ, од вкупно 110 заразени лица, дури 81 пациент развил тешки симптоми како енцефалитис, менингитис или акутна парализа. Кај преостанатите 29 лица се забележани полесни симптоми или инфекцијата поминала без директно зафаќање на централниот нервен систем.
Во моментов, на болничко лекување се наоѓаат 35 пациенти, додека 61 лице веќе е отпуштено од болница. Официјалните здравствени податоци покажуваат дека сите девет починати лица биле на возраст над 65 години, со просечна возраст од 82 години.
Епидемиолошката мапа покажува дека најголем дел од случаите, вкупно 77, се концентрирани во областа Атика, каде што се наоѓа и главниот град Атина. Останатите 29 случаи се регистрирани во регионите Тесалија, Пелопонез и во северниот дел на Грција, додека за пет лица сè уште трае епидемиолошката истрага.
Поради наглиот скок на новозаразени во Атика, локалните власти соопштија дека за 30 отсто ќе ги зголемат активностите за сузбивање на комарците, кои се главни преносници на вирусот, вклучувајќи нови прскања од воздух и од копно.
Здравствените власти потсетуваат на епидемиолошките истражувања според кои на секој еден регистриран случај со тешки симптоми соодветствуваат уште околу 140 лица кои се инфицирани, но имаат многу благи симптоми или воопшто немаат манифестација на болеста.
Вирусот Западен Нил е присутен во Грција во летните месеци уште од 2010 година. Најтешката сезона беше забележана во 2018 година, кога имаше 317 заразени и 51 смртен случај, додека минатата година беа регистрирани 96 случаи со девет починати лица.