Наши гости во новата епизода на РеТрн се момците од „Занаду“ – Карло Јованоски, Марко Атанасов, Андреј Крстевски и Иван Богдановски.
Нивната приказна започнува во Скопје во 2021 година, а веќе следната година ја објавуваат првата песна „Навика“ и дебитантскиот албум „Соништа“. Оттогаш продолжуваат да експериментираат со звукот, мешајќи алтернативен рок, фанк, психоделија и сè што во моментот им звучи добро.
Со песни како „Зборувај, замижи, побегни“, „Очи“ и „Не сакам“, „Занаду“ полека си го градат своето место на македонската алтернативна сцена. Во 2025 година тргнаа и на балканска турнеја, а годинава ја претставија „Ураган“ – песна со поинаква, летна енергија и звук што се движи меѓу инди, синт и диско поп.
Но, како воопшто се родила идејата за „Занаду“? И зошто баш тоа име?
Со Дениз се враќаме на почетоците – како се споиле, кога сфатиле дека сакаат да бидат дел од бенд и што е она што најмногу го сакаат во музиката и заедничкото создавање.
А бидејќи четири различни карактери не значат секогаш и четири исти мислења, ги прашавме и што најмногу ги нервира, како функционираат заедно и што е најдоброто што „Занаду“ го носи со себе како бенд.
Од првите проби до новите песни, од различни идеи до заеднички звук – запознајте ги момците од „Занаду“ во новата епизода на РеТрн.
