Кој е Геворг Тамамјан, најмладиот кандидат за генерален директор на СЗО?

Ерменскиот детски онколог, кој на 39 години е најмладиот од седумте кандидати за раководната функција во Светската здравствена организација, ветува дека ќе се залага за еднаков пристап до здравствена заштита, враќање на довербата и реформи во организацијата.

По десет години на чело на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус ќе се повлече од функцијата во август 2027 година. Организацијата веќе го започна процесот за избор на негов наследник, во период кога глобалното здравје и меѓународната соработка се соочуваат со сè поголеми предизвици.

За раководната позиција се натпреваруваат седум кандидати, номинирани од различни држави. Извршниот одбор на СЗО до почетокот на февруари 2027 година треба да го стесни изборот на тројца кандидати, а конечниот избор ќе се направи на Светското здравствено собрание во мај следната година.

Меѓу кандидатите е и 39-годишниот Геворг Тамамјан, ерменски детски онколог, кој е најмладиот кандидат во трката. Него го номинирала Боцвана, а тој е и единствениот кандидат кој досега немал функција во системот на Обединетите нации. Тамамјан се претставува како кандидат надвор од институционалните структури, кој може да понуди поинаква перспектива за работата на организацијата.

„Доаѓам однадвор, со поинакво искуство“, изјавил тој за „Еуроњуз“ во Женева, каде што неделава се одржал форумот на кандидатите за раководната функција во СЗО.

Како лекар кој работи со пациенти, вели дека во својата кариера морал да ги претвора препораките на СЗО од документи и насоки во конкретна клиничка практика. Таму, како што објаснува, последиците од успешните или неуспешните политики директно ги чувствуваат пациентите и нивните семејства. Според него, луѓето што работат во големи институции понекогаш тешко ги забележуваат нивните слабости, па затоа искуството надвор од организацијата може да помогне во нивното препознавање.

Неговата професионална кариера опфаќа клиничка работа, развој на национални здравствени системи, меѓународна дипломатија и хуманитарна работа во конфликтни подрачја.

„Во текот на кариерата забележав дека многу работи можат да се направат подобро и дека тоа директно влијае врз животите на луѓето. Видов дека СЗО ги има повеќето алатки потребни за да се постигне тоа“, вели Тамамјан.

„Географијата не смее да одлучува кој ќе живее“

Кампањата ја води под мотото „Географијата не смее да одлучува кој ќе живее“. Вели дека неговата посветеност на еднаков пристап до здравствена заштита произлегува и од личното искуство – доаѓа од мала земја со пониски средни приходи, а тоа, според него, влијаело врз неговиот професионален пат.

„Човекот е човек. Не е важно од каде доаѓа“, вели Тамамјан, посочувајќи дека еднаквоста мора да биде основа на глобалниот здравствен систем.

Ова прашање е особено важно во трката за нов директор на СЗО, бидејќи организацијата се соочува со сè поголеми прашања за својата улога, ефикасност и способност да ја одржи меѓународната соработка.

СЗО се соочува со криза на доверба

Предизвиците за следниот генерален директор не се ограничени само на подобрување на работата на организацијата. СЗО се соочува и со сериозна криза на доверба кај дел од најголемите земји-членки. Во 2026 година, Соединетите Американски Држави, историски најголемиот финансиски донатор на организацијата, официјално се повлекоа од СЗО. Повлекување најави и Аргентина.

На Светскиот економски форум во Давос претходно годинава, актуелниот генерален директор Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека првите две децении на 21 век биле златен период за глобалното здравје, но дека тој период завршил. Тамамјан ветува дека, доколку биде избран, во првите 100 дена од мандатот ќе ги посети САД и Аргентина, со цел повторно да ги вклучи во меѓународната здравствена соработка.

„Посилни сме кога сме обединети. Дури и кога не се согласуваме за одредени прашања, мора да ги задржиме сите на преговарачката маса. Несогласувањето во рамките на разговорот е подобро отколку воопшто да нема разговор“, вели тој.

Двете земји ја критикуваа транспарентноста на СЗО и начинот на кој организацијата се справувала со пандемијата на ковид-19. Посочија и на, како што ги нарекоа, сериозни структурни и оперативни слабости што ја поткопале довербата во организацијата и ја истакнале потребата од независно раководство засновано врз науката. Тамамјан признава дека за враќање на довербата и отчетноста мора да се решат постојните проблеми во организацијата.

„Стоиме на рамениците на гиганти и во изминатите децении е постигнат огромен напредок во здравството и медицината“, вели тој, додавајќи дека е лесно работите да се критикуваат од денешна перспектива.

Според него, клучно е да се разбере како СЗО повторно да ја зацврсти својата позиција и да ја задржи улогата на водечка организација во глобалното здравје.


Извор Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс