Демократите и републиканците со заеднички закон за спречување излез од НАТО

Предлог-законот предвидува секоја иницијатива на претседателот за напуштање на Алијансата да мора прво да добие одобрение од американскиот Конгрес.
Фото: NATO

Американските конгресмени Џими Панета и Џо Вилсон поднесоа заеднички законски предлог со кој се бара задолжително одобрение од Конгресот пред кој било претседател на САД да може да покрене постапка за повлекување на земјата од НАТО. Иницијативата доаѓа како двопартиски одговор на политичките дилеми околу иднината на американското учество во Алијансата, со цел да се оневозможи еднострано раскинување на безбедносните договори без согласност од законодавниот дом во Вашингтон.

Предложената мерка, именувана како „Закон за штит на НАТО“ (NATO Shield Act), воспоставува правна рамка со која секој обид на Белата куќа за раскинување на сојузништвото директно се става под конгресен надзор. Според сегашните одредби од основачкиот договор на Алијансата, секоја земја членка има право да се повлече една година откако ќе испрати официјално писмено известување.

Новиот предлог на Панета, претставник на демократите од Калифорнија, и Вилсон, републиканец од Јужна Каролина, наметнува дополнителна сопирачка: постапката воопшто да не може законски да започне без претходно гласање и зелено светло од претставниците на народот.

Демократскиот конгресмен Панета порача дека сојузот претставува темел на меѓународната безбедност и дека одлуките за неговата судбина не смеат да зависат од поединец.

„НАТО е еден од најважните и најуспешните безбедносни сојузи во историјата на светот. Во време на растечки закани и глобална нестабилност, овој двопартиски закон ќе ги зајакне постојните заштитни мерки и ќе осигури дека секој обид за повлекување на Соединетите Држави од НАТО ќе подлежи на конгресен надзор и одобрение“, изјави Панета.

Неговиот републикански колега Џо Вилсон потенцираше дека иницијативата гарантира дека ниту еден чекор што потенцијално би го ослабнал сојузот нема да помине зад затворени врати, туку ќе добие целосна дебата и контрола во законодавниот дом.

е-Трн да боцка во твојот инбокс