Предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ денеска беше повлечен од дневниот ред на 119. седница на Собранието. Одлуката дојде по вонредна координација на пратеничките групи во Собранието, откако законот требаше да се разгледува по скратена постапка.
Според претседателот на Собранието, Африм Гаши, точката е повлечена поради процедуралните забелешки за законот. Во фокусот на критиките е членот 21, кој предвидува набавките за проектот да се реализираат надвор од системот на јавни набавки, без процедурите и обврските пропишани со Законот за јавни набавки.
Предлог-законот предвидува формирање на Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, која ќе биде носител на реализацијата на проектот. Според предлагачите, фондацијата треба да обезбеди професионално и автономно управување, но истовремено да биде предмет на надзор, отчетност и контрола. Финансирањето би доаѓало од државниот буџет, буџетот на Град Скопје, буџетите на општините, како и преку европски фондови, донации и спонзорства. Според образложението, целта е проектот да придонесе за развој на културниот сектор, поголема туристичка привлечност на Скопје и трајно културно наследство и по 2028 година.
На законот реагираа од Платформата на граѓански организации за борба против корупција, како и од Државната комисија за спречување на корупција, кои истакнаа дека со ваквиот закон, кој не ги следи пропишаните правила за јавни набавки, се отвора простор за злоупотреби и корупција.