Белгија, Германија, Луксембург и Чешка со најзагадени подземни води во Европа

Иако многу европски земји имаат безбедна вода од чешма, подземните води остануваат еден од најзагрозените ресурси во ЕУ.

Чистотата на водата значително се разликува низ Европа, при што Белгија, Германија, Луксембург и Чешка имаат дел од најзагадените подземни води на континентот. Подземните води се еден од најзагрозените ресурси во Европската Унија, а нивната лоша состојба е во контраст со фактот дека повеќето европски земји имаат исклучително безбедна вода од чешма, пишува Euronews.

Според податоците на Европската агенција за животна средина, повеќе од 20 проценти од подземните води низ ЕУ се во лоша хемиска состојба. Тоа значи дека концентрациите на штетни материи, како жива и кадмиум, ги надминуваат нивоата пропишани со Директивата на ЕУ за води.

Подземните води: општвествен и еколошки трошок

Дополнителен притисок создава огромниот општествен и еколошки трошок за прочистување на водата за пиење и санитарни потреби. Се проценува дека само прочистувањето на нитратите, кои често се присутни во ѓубривата, ја чини Европската Унија до 320 милијарди евра годишно.

Иако границата на ЕУ е поставена на 50 милиграми по литар, Европската комисија наведува дека ова ниво е надминато на 14 проценти од мерните станици за подземни води во Европа.

И покрај проблемите со подземните води, големите европски инвестиции во санација даваат резултати. Според Индексот на еколошка ефикасност, дури 19 од 20 земји со најдобри санитарни услови и најбезбедна вода за пиење во светот се наоѓаат во Европа, а единствениот исклучок е Јапонија.

Кој има најчиста вода од чешма?

Финска, Исланд, Холандија, Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство постигнале максимални 100 поени за заштита на здравјето на луѓето од загадена вода за пиење и лоши санитарни услови.

Најслаби резултати на континентот се забележани во Молдавија, Грузија и Албанија, а меѓу 10-те најниско рангирани европски земји се наоѓаат и три членки на ЕУ: Латвија, Литванија и Романија.

Покрај постојното законодавство, ЕУ внимателно ги следи своите водни ресурси. На почетокот на 2022 година беше усвоена првата листа на супстанции за следење во водата за пиење, со цел да се контролираат нивоата на бета-естрадиол и нонилфенол. Станува збор за две соединенија што го нарушуваат ендокриниот систем, бидејќи можат да ги имитираат, блокираат или попречат хормоните во телото.

Хемикалиите во подземните води и натаму се голем проблем, особено затоа што подземните води обезбедуваат околу 25 проценти од водата за наводнување во земјоделството и 65 проценти од водата за пиење во ЕУ.

Истражувачите од Water Atlas, индекс за чистотата на подземните води изработен од германскиот тинк-тенк Heinrich Böll Foundation, наведуваат дека околу 80 проценти од сите отпадни води во светот се испуштаат во водотеците без каков било третман. Според нив, идејата дека реките самите ќе се прочистат брзо се покажала како илузија, бидејќи реките и езерата станале загадени и токсични средини.

Главни причини за загадувањето

Water Atlas ги мапирал подземните води во Европа, класифицирајќи ги според хемиската состојба врз основа на стандардите на Директивата на ЕУ за води. Резултатите во некои земји се загрижувачки. Во Луксембург, дури 79 проценти од мапираните подземни води во 2025 година не ги исполниле критериумите за добра хемиска состојба.

Потоа следуваат Чешка со 55 проценти, Белгија со 41 процент и Германија со 40 проценти. Пестицидите и натаму се една од главните закани за квалитетот на водата. На пример, трифлуороцетната киселина, позната како TFA, била откриена во 94 проценти од 36 примероци вода од чешма собрани во 11 земји на ЕУ.

Многу пестициди содржат и PFAS, таканаречени „вечни хемикалии“, кои се откриени на 23.000 локации низ Европа. Дополнителен еколошки притисок создаваат фармацевтските соединенија, од кои повеќе од 175 се идентификувани во европските подземни води, како и микропластиката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни