Култниот роман „Забранета тетратка“ од Алба де Сеспедес објавен на македонски

Издавачката куќа „Илика“ го издаде познатото италијанско дело во превод на Ирина Талевска во едицијата „Класици“.

Издавачката куќа „Илика“ го објави романот „Забранета тетратка“ од кубанско-италијанската писателка Алба де Сеспедес, како втора книга во едицијата „Класици“. Преводот од италијански јазик го направи Ирина Талевска, а делото донесува современа приказна за внатрешната слобода и преиспитувањето на женската улога во општеството.

Алба де Сеспедес е родена во Рим во 1911 година. Во текот на 1930-тите години таа работела како новинарка во повеќе италијански весници и активно учествувала во партизанскиот отпор против фашизмот во Италија. По Втората светска војна ги објавила своите најпознати романи, меѓу кои „Нејзината страна на приказната“ (1949) и „Забранета тетратка“ (1952).

Покрај прозните дела, Де Сеспедес го напишала и сценариото за филмот „Другарки“ во режија на Микеланџело Антониони. Иако нејзините книги постигнале голем успех кај читателите во Италија во 1950-тите години, поголемиот дел од нејзиниот опус започнал поинтензивно да се преведува на странски јазици дури по нејзината смрт во 1997 година.

Романот „Забранета тетратка“ првично излегувал во продолженија во periodичната преса од 1950 до 1952 година, по што бил објавен како посебна книга. Дејството следи секојдневие на Валерија Косати, жена од средната класа со сопруг и две возрасни деца, која наизглед води обичен живот исполнет со семејни обврски.

Приказната започнува кога главната јунакиња импулсивно купува една тетратка за да ги запишува деталите од сопствениот живот. Преку двогодишните записи во дневникот, таа се соочува со сопственото незадоволство, семејните односи, премолчените вистини и потребата за изградба на сопствен, интимен простор во кој ќе може слободно да говори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс