Ако ја критикуваш власта, три години не смееш да ја напушташ Кина

Новите законски одредби во Пекинг овозможуваат тригодишна блокада на пасошите за секој што наводно им наштетил на државните интереси
Фото: Flickr/Suuuuummer

Властите во Пекинг од денеска воведоа строги правила со кои можат да им забранат излез од земјата до три години на граѓаните за кои ќе проценат дека го загрозиле националниот суверенитет или безбедност за време на престојот во странство. Мерките директно го олеснуваат притисокот врз активистите и дисидентите надвор од границите на Кина, пренесува Би-би-си.

Официјален Пекинг тврди дека целта на новите прописи е заштита на националната безбедност и дека регулативата нема да влијае врз обичните граѓани. Правните експерти предупредуваат на спротивното. Ова е механизам со кој кинеските власти се обидуваат да ги контролираат изјавите и активностите на своите државјани во странство, оценува Том Келог, извршен директор на Центарот за азиско право при Универзитетот Џорџтаун.

Според него, службите за државна безбедност веќе одбиваат да издаваат пасоши на поединци за да спречат критики кон владата или директно да ги санкционираат граѓаните поради политички активизам. Новата регулатива сега само формално ја легализира оваа практика.

Ограничувањата не се однесуваат само на политичкиот говор. Според новите правила, кинеските државјани може да добијат забрана за напуштање на државата и доколку ги прекршат прописите за увоз и извоз на технологија. Условот за ваква казна е проценката на властите дека со тоа е загрозена националната индустриска или технолошка безбедност.

Владините канали се обидуваат да ја намалат загриженоста во јавноста. Владината платформа за сузбивање гласини „Пјаојао“ објави соопштение во кое тврди дека нормалните приватни и деловни патувања нема да бидат попречени од новите одредби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс