Белата куќа подготвува 90-дневна забрана за извоз на дизел

Мерката треба да ги намали домашните цени пред изборите за Конгрес, но рафинериите предупредуваат на уште поголем ценовен шок.

Администрацијата на Доналд Трамп подготвува одлука за 90-дневна забрана за извоз на дизел, објави Политико повикувајќи се на пет извори упатени во разговорите. Вашингтон сака со овој потег итно да ги намали цените на горивата пред претстојните избори за Конгрес, и покрај жестокиот отпор од нафтената индустрија и длабоките поделби меѓу самите министри во Белата куќа.

Притисокот врз Белата куќа да повлече радикален потег расте со секој скок на цените на пумпите. Просечната цена на дизелот во САД достигна 6,52 долари за галон, што претставува скок од 91 цент за само еден месец и дури 2,83 долари повеќе во споредба со минатата година.

Наглиот раст е директна последица на воените дејствија против Иран што администрацијата ги започна во февруари, но и на украинските напади врз руските рафинерии, што ја намали глобалната понуда. Републиканските претставници од земјоделските сојузни држави отворено бараат интервенција. Сенаторот Чак Гресли од Ајова јавно предупреди дека високите цени на дизелот ги уништуваат приходите на земјоделците. Бидејќи гласањето за Конгресот е за помалку од седум недели, соработниците на Трамп бараат брз ефект, оставајќи ги долгорочните последици како проблем за подоцна.

Внатре во кабинетот не постои едногласност. Против целосната забрана застанаа министерот за енергетика Крис Рајт, министерот за финансии Скот Бесент и министерот за внатрешни работи Даг Бургум. Нивниот главен аргумент е дека запирањето на извозот ќе создаде тесно грло во домашните капацитети.

Рајт јавно нагласи дека грубите забрани не функционираат на глобален пазар каде што САД се најголемиот извозник. Рафинериите што произведуваат дизел истовремено вадат бензин и керозин. Доколку снема простор за складирање на дизелот, преработката на нафта ќе мора да се намали. Тоа автоматски ќе ги крене цените на бензинот и авионското гориво. Претставници од нафтениот сектор предупредуваат дека краткотрајното смирување на пазарот за неколку недели ќе се претвори во нов ценовен бран.

Доколку Белата куќа ја потпише наредбата, ова ќе биде прво ограничување на извозот на американски енергенти по 2015 година, кога беше укината неколкудецениската забрана за извоз на сурова нафта.

Аналитичарите предупредуваат дека со ваков потег се отвора врата за постојан државен интервенционизам во енергетскиот сектор. На глобално ниво, прекинот на испораките од САД дополнително би ги погодил пазарите во Европа и Азија, кои веќе купуваат гориво под притисок на намалениот извоз од Блискиот Исток и Русија. Наместо стабилизација, вештачкото пренасочување на танкерите кон домашните пристаништа ќе ги наруши трговските текови и ќе ја засили неизвесноста во пресрет на зимата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс