Од 1 јули до крајот на август забрана за движење во шумите, казни до 2.000 евра

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство воведува целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште од 1 јули до 31 август. Мерката е донесена поради зголемениот ризик од шумски пожари, а за непочитување се предвидени високи парични казни.

Од 1 јули до 31 август 2026 година ќе важи целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште на територијата на државата, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Одлуката е донесена согласно насоките на Владата и по барање на корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, со цел да се намали ризикот од појава и ширење на шумски пожари во периодот на високи летни температури. 

Во текот на двомесечниот период, движењето низ шумите ќе биде дозволено само со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ или од националните паркови, во зависност од тоа кој управува со конкретното подрачје. Оваа мерка се применува како превенција во најризичниот дел од летната сезона, кога човечкиот фактор е една од најчестите причини за избувнување на пожари. 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, апелира до граѓаните целосно да ја почитуваат забраната и да придонесат кон зачувување на шумските богатства. Тој нагласува дека секое неодговорно однесување може да предизвика сериозни последици врз природата, животната средина и безбедноста на граѓаните. 

За лицата кои ќе бидат затекнати да се движат во шумите без соодветна дозвола, Законот за шумите предвидува глоби во висина од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност. Надлежните институции најавуваат засилени контроли во текот на летниот период со цел доследно спроведување на мерката. 

Надлежните потсетуваат дека заштитата на шумите е заедничка одговорност и ги повикуваат граѓаните да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожар, особено во периодите на екстремно високи температури и суша. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс