Тинејџери ја заобиколуваат забраната за социјални мрежи во Австралија

Close Up Of A Line Of High School Students Using Mobile Phones

Австралија стана првата земја во светот што воведе законска забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години, со цел да ги заштити децата од онлајн ризици и да им го „врати детството“.

Законот беше усвоен на 29 ноември 2024 година, а почна да се применува од 10 декември 2025 година. Ограничувањето ги опфаќа платформите како Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Снепчет, Икс (поранешен Твитер), Јутјуб и Редит.

Австралиската влада, предводена од премиерот Ентони Албанезе, тврди дека мерката веќе дава резултати – милиони профили на малолетници биле избришани или ограничени.

Во некои семејства се забележани позитивни промени: децата помалку користат телефони, повеќе време поминуваат надвор и имаат повеќе директна комуникација.

Сепак, практичната примена на законот се покажува како сериозен предизвик. Одговорноста е префрлена на самите платформи, кои треба да воведат системи за проверка на возраста – преку препознавање лице или проверка на документи.

Но овие системи лесно се заобиколуваат. Дел од тинејџерите користат туѓи профили, виртуелни приватни мрежи (ВПН) или едноставно ја измамуваат технологијата со промена на изгледот.

Дополнително, дел од младите сметаат дека забраната ја ограничува нивната слобода на изразување, бидејќи социјалните мрежи се важен канал за комуникација и информирање.

Незадоволство постои и кај наставниците, кои предупредуваат дека не постојат јасни насоки како да се применуваат правилата во образованието, особено кога платформи како Јутјуб и понатаму се користат во наставата.

Во меѓувреме, интерес за слични мерки расте и во Европа. Во Шпанија, премиерот Педро Санчез најави можна забрана, додека Данска, Германија и Франција разгледуваат слични политики. Во Европската Унија засега нема унифициран став.

Австралискиот модел станува глобален експеримент кој отвора клучно прашање – дали законите можат да го контролираат дигиталниот свет, или младите секогаш ќе најдат начин да ги заобиколат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс