За фактура од 16.500 денари би можело да се избегне масовното труење во Гостивар

Општина Гостивар добила швајцарски пари за да го унапреди водоводот и да стави крај на деценискиот проблем со притисокот на вода во одредени населени места

Преписка меѓу две институции открива дека трагедијата во Гостивар можела да биде спречена ако ЈП Комуналец Гостивар уредно платил фактура до ЈП за државни патишта во износ од нешто над 16.500 денари или 270 евра.

Општина Гостивар добила швајцарски пари за да го унапреди водоводот и да стави крај на деценискиот проблем со притисокот на вода во одредени населени места.

И проектот вреден околу седум милиони евра почнал да се реализира, но иститот не бил до крај реализиран поради бизарна причина, односно неплатена фактура од 270 евра осносно 16.588 денари.

Од ЈП Комуналец Гостивар преку соопштение вчера тврдеа дека за целосно оперативно поврзување на новиот водоводен систем останало да се изведат работи на околу 600 метри од трасата но за тоа била неопходна согласност од ЈП за државни патишта. Иако барањето за согласност било поднесено пред околу две години, таа сè уште не е издадена.

Според ЈП за државни патишта, точно било дека во февруари 2024 година општина Гостивар доставила Барање за водоводна мрежа, за што од ЈПДП спремиле фактура уште кон крајот на април 2024 година. Таа фактура, изнесувала 16.588 денари кои општина Гостивар требало да ги плати и тоа била причината поради коа не е реализирано одобрувањето.

„Потоа, во март 2024 година општина Готстивар има доставено Барање за цевковод за водоснабдување, за кое е изготвен записник од надзорен орган на ЈПДП, но општината во врска со ова барање до ЈППД нема доставено техничка документација за добивање на дозвола“, пишува во реакцијата од Јавното претпријатие за државни патишта.

Од почетокот на оваа година, додаваат во ЈППД, управните постапки што ги води претпријатието биле целосно електронски и оттогаш досега немаат добиено никакво барање за водовод од општина Гостивар.

Во врска со ова вчера реагираше и микробиологот, проф. д-р Никола Пановски на својот Фејсбук профил.

„ЈП Комуналец веќе две години не ја платиле фактурата за оваа услуга во износ од 16.500 денари. Во овој период се сменила и централната и локалната власт. Заклучувам – за 250 евра, закочен е проектот од 7 милиони евра, а епидемијата ќе беше избегната, Гостивар ќе имаше чиста вода под притисок. За 250 бирократски евра, страда цел град, илјадници судбини, а трошоците се многу поголеми од 7 милиони евра. Неверојатно, но вистинито“, напиша Пановски.

Инаку, на 17 јули, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за пиење на водата во Гостивар бидејќи беше откриена пумпа која директно вбризгува отпадни води во водоводниот систем. Инспекторите на АХВ излегле на терен заедно со полицијата по зголемен број на пријави од граѓаните за стомачни тегоби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс