X на Маск го задржа правото на името Twitter: судот забрани нова мрежа со тоа име

Судот во Делавер му го призна на X правото на заштитеното име Twitter и забрани новата платформа на Operation Bluebird да го користи брендот.

Поранешни вработени во Twitter, обединети во стартапот Operation Bluebird, неодамна се обидоа да го оживеат познатото име со нова социјална мрежа. Тие ја стартуваа платформата на доменот Twitter.now и тврдеа дека компанијата X, која денес ја поседува социјалната мрежа, практично го напуштила брендот Twitter и повеќе не треба да има ексклузивно право на неговото користење.

Но, нивниот обид набрзо беше запрен со судска одлука.

Судот го заштити името Twitter

Компанијата X, во сопственост на Илон Маск, побара судска забрана за користење на името Twitter од страна на Operation Bluebird. Судот во Делавер го прифати барањето и донесе привремена забрана со која на новата социјална мрежа ѝ се оневозможува да го користи името Twitter до завршувањето на судскиот спор.

Според судијата, X има големи изгледи да победи во постапката за повреда и неовластено користење на заштитниот знак поврзан со поранешното име на платформата. Еден од клучните аргументи било тоа што X сè уште го користи името Twitter во описот на својата апликација во App Store.

Во првата реченица од описот стои дека X е „порано познат како Twitter“. Правниот тим на компанијата објаснил дека ова е намерно направено за корисниците кои ја бараат платформата под старото име полесно да ја пронајдат и да разберат дека станува збор за истата услуга.

Истражувањата презентирани пред судот покажале дека Twitter и понатаму е исклучително препознатлив бренд во јавноста. Иако името е отстрането од главниот интерфејс на платформата, X сè уште ја користи неговата препознатливост, особено во продавниците за апликации.Судијата оценил дека постои ризик од непоправлива штета доколку конкурентна платформа успее да го преземе и утврди своето присуство под името Twitter.

Затоа е издадена забрана Operation Bluebird да го користи ова име додека трае судскиот спор.

X не успеа да ги задржи сите стари ознаки

Сепак, судот не застана целосно на страната на X кога станува збор за останатите елементи на стариот бренд. Компанијата не била подеднакво успешна во задржувањето на зборот „tweet“ и препознатливото лого со сината птица. Јавните настапи на Маск во кои најавуваше целосно напуштање на брендот Twitter, како и отстранувањето на логото од зградата на компанијата, биле употребени како доказ дека X нема намера да продолжи да ги користи овие ознаки.

Поради тоа, судот проценил дека Operation Bluebird има добри шанси да докаже дека овие заштитни знаци навистина биле напуштени.

Operation Bluebird се преименува во Tweet

Претставниците на Operation Bluebird изразија задоволство што судот направил разлика меѓу името Twitter и другите елементи на поранешниот бренд. Претседателот на организацијата, Стивен Коутс, изјави дека X успеал да го задржи зборот Twitter, но се откажал од сината птица и од терминот „tweet“.

По судската одлука, организацијата веднаш започнала со промена на името на својата платформа. Мрежата, која неодамна беше пуштена на доменот Twitter.now, сега е преименувана во Tweet и работи на доменот Tweet.app.

Од Operation Bluebird велат дека со платформата сакаат да го вратат концептот на дигитален „градски плоштад“ за корисниците, потпирајќи се токму на елементи од стариот Twitter од кои претходното раководство се откажа. Пристапот до новата платформа и понатаму се наплаќа 20 долари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс