Корпоративна алчност: Шефот на OpenAI смета дека луѓето немаат потреба од РАМ, само дата-центрите

Додека компјутерите поскапуваат поради глобалниот недостиг на чипови, Сем Алтман порача дека е ужасно корисниците да чуваат меморија дома
Фото: TechCrunch/Flickr

Главниот извршен директор на OpenAI, Сем Алтман, предизвика остри реакции во технолошката заедница со изјавата дека персоналните компјутери непотребно трошат одограничената светска RAM меморија. Гостувајќи во подкастот „Cheeky Pint“, Алтман отворено оцени дека е „ужасно“ граѓаните да чуваат хардвер дома кој стои неискористен најголем дел од денот, барајќи приоритетот за чипови целосно да се пренасочи кон облачните дата центри за вештачка интелигенција. Оваа отворена корпоративна амбиција директно се прекршува врз џебот на обичните потрошувачи.

За време на разговорот во подкастот, првиот човек на OpenAI ја критикуваше идејата за локално користење на модели со отворен код директно на приватни машини. Според неговата логика, очекувањето дека луѓето сами ќе стартуваат системи дома наместо да плаќаат облачни услуги е погрешно распределување на ресурсите.

„Многу луѓе сакаат локална инференција. И некако претпоставуваат дека проблемот е решен затоа што ќе имаме модели со отворен код, ќе можеме да ги стартуваме на сопствените компјутери и нема да ни требаат сите оние работи во дата центарот. Но, гледано од перспектива на глобална распределба, всушност е прилично ужасно што секој има куп од ограничената светска понуда на DRAM меморија во сопствениот компјутер, која се користи пет проценти од времето. Сакате максимална искористеност во облакот ако се обидувате да се справите со оваа средина со многу ограничени ресурси“, изјави Алтман.

Неговата порака подеднакво ги засега обичните гејмери, канцелариските корисници и програмерите кои работат на специјализирани работни станици.

Реалноста зад ваквата реторика не е грижа за рационално искористување на ресурсите, туку трка за профит и контрола. Водечките производители на мемориски компоненти, јужнокорејските гиганти Samsung и SK Hynix, веќе потпишаа долгорочни договори со операторите на облачни услуги. Огромни проекти како иницијативата „Stargate“ на OpenAI однапред го резервираа најголемиот дел од светското производство на мемориски чипови за следните неколку години.

Кога технолошките гиганти вложуваат десетици милијарди долари директно кај производителите, фабриките ги пренасочуваат своите производствени линии кон серверите. Како директна последица, на глобалниот пазар останува драстично помалку RAM меморија за лаптопи, телефони и персонални компјутери.


Наместо вештачката интелигенција да донесе поевтина дигитална алатка за сите, концентрацијата на хардвер кај неколку корпорации го ограничува пристапот до самостоен развој. Ставот на Алтман јасно покажува желба корисниците да бидат претворени во зависни претплатници на туѓи сервери, додека секој обид за дигитална независност се прогласува за „нерационално трошење ресурси“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс