Со првиот тест-лет над пустината во Калифорнија, NASA и Lockheed Martin го отворија патот кон нова ера во воздушниот сообраќај. Нивниот експериментален авион X-59 успешно го изведе својот прв лет, претставувајќи голем чекор кон враќањето на брзото, но тивко комерцијално патување.
Иако при летот не ја премина брзината на звукот, X-59 демонстрираше стабилност и технолошка прецизност. Леталото достигна брзина од околу 370 километри на час и висина од 3.600 метри, со што NASA ја потврди безбедноста на неговата конструкција и контролните системи.
Она што го прави овој авион исклучителен е неговиот аеродинамичен дизајн – изработен така што ја намалува звучната експлозија што обично се јавува при преминување на брзината на звукот. Наместо гласен „гром“, X-59 создава само мек и краткотраен „туп“, што ја отвора можноста за идни супeрсонични летови над населени подрачја.
Според инженерите, оваа технологија може да ја преполови времетраењето на долгите летови – на пример, од Њујорк до Лос Анџелес за помалку од три часа. NASA ја гледа мисијата QueSST (Quiet SuperSonic Technology) како клучен чекор кон создавање нова генерација на патнички авиони што ќе комбинираат брзина, удобност и одржливост.
Официјалните претставници на Lockheed Martin изјавија дека оваа проба „означува почеток на ново поглавје во историјата на воздухопловството“ и дека резултатите од тестовите ќе бидат основа за следната фаза – летови со надзвучна брзина и мерење на звучниот ефект над населени подрачја.
