Неодамна се појавија информации дека WhatsApp работи на eSIM услуги во својата апликација, а сега компанијата во сопственост на Meta официјално ја претстави новата функција. Таа се вика Travel eSIM и им овозможува на корисниците да купат и инсталираат пакет за мобилен интернет во странство, без да ја напуштат апликацијата. Од компанијата велат дека купувањето и инсталирањето eSIM треба да биде едноставно како испраќање порака.
eSIM е дигитална СИМ-картичка, вградена во самиот телефон. Наместо да се вади старата и да се става нова пластична картичка, профилот на операторот само се презема и се активира на уредот. Затоа е-СИМ одамна е популарен кај патниците, кои со него можат да добијат мобилен интернет во друга земја веднаш по слетувањето.
Досега, за таков пакет најчесто требаше посебна апликација или веб-страница на давателот на услугата. WhatsApp сега сака тој чекор да го пренесе во апликацијата што повеќето луѓе веќе ја користат секој ден. Кога ќе стигнат во друга земја, корисниците ќе можат да продолжат да го користат WhatsApp со својот постоечки телефонски број, без да купуваат локална СИМ-картичка или да бараат Wi-Fi мрежа.
Пакетот нема да служи само за WhatsApp. Со него корисниците ќе можат да пристапуваат и до други интернет-услуги, како што е обичен мобилен интернет. За новата функција WhatsApp склучи соработка со неколку даватели на eSIM услуги и телекомуникациски оператори, меѓу кои се Reliance Jio, Smart Axiata, Smart Communications и Verizon.
Функцијата ќе се наоѓа во поставките на корисничкиот профил во апликацијата. Таму корисниците ќе можат да ја пребаруваат дестинацијата и да ги разгледаат понудите што се достапни за неа. За да ја користат услугата, ќе им треба мобилен телефон што поддржува eSIM, а тоа го немаат сите уреди, особено постарите модели.
WhatsApp најавува дека функцијата наскоро ќе почне да се воведува на Android и на iOS, во одредени земји. Компанијата засега не откри во кои земји, ниту колку ќе чинат пакетите за мобилен интернет. Затоа сè уште не е познато ни дали и кога услугата ќе биде достапна во Македонија, ниту дали ќе биде поевтина од роамингот кај домашните оператори.
