Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека следните избори во Србија ќе се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември, нагласувајќи дека е подготвен за политички дијалог со сите актери.
Вучиќ рече дека ќе продолжи да ги повикува политичките противници на разговори и дека ги почитува сите учесници во политичкиот живот, и покрај тоа што, според него, дел од опозицијата одбива дијалог.
Тој додаде дека ќе ги признае изборните резултати доколку неговата партија изгуби, но нагласи дека ќе продолжи да се залага за „обединета Србија без едноумие“.
„Мој приоритет е натамошниот развој и модернизација на земјата, со јасно мнозинство што ќе ја спроведе својата програма“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател најави и дека Србија силно ќе ја поддржи Српската листа на претстојните избори во Косово на 7 јуни, оценувајќи дека условите за Србите ќе бидат тешки.
Тој ги обвини властите во Приштина дека вршат притисок врз српската заедница и повтори дека формирањето на Заедницата на српски општини останува клучно прашање за Белград.
Во однос на безбедносните прашања, Вучиќ најави борба против корупцијата во полицијата и порача дека ќе бидат санкционирани сите што учествувале во криминални активности.
„Државата подготвува построги законски мерки за спречување злоупотреби“, посочи Вучиќ.