Србија се соочува со сериозни проблеми поради екстремните температури и ниското ниво на Дунав, предупреди српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој изјави дека дополнително намалување на нивото на реката може да предизвика големи тешкотии, особено во Војводина, каде сушата најсилно се чувствува.
Дунав се повлекува, се откриваат карпи и стари бродоломи
Дунав, кој тече низ десет земји од југозападна Германија до Црното Море, се повлече на исклучително ниско ниво по поголемиот дел од својот тек.
Ниската вода откри карпи, песочни насипи и стари бродоломи кои ретко можеле да се видат досега.
Се очекува нивото на водата дополнително да се намалува во наредните денови, бидејќи прогнозите не најавуваат позначителни врнежи, а температурите во регионот треба да се искачат над 38 степени.
„Ако падне уште 30 сантиметри, готово е“
Вучиќ предупреди дека состојбата може дополнително да се влоши ако нивото на Дунав продолжи да паѓа.
„Ако падне за уште 30 сантиметри, готово е. Во земјите што имаат нуклеарни централи што зависат од нивото на водата, проблемот е уште поголем. Во секој случај, има безброј проблеми, а најголемиот е во Војводина, особено затоа што таму не врнело. Се јадам жив поради тоа. Нема такви проблеми во другите делови од земјата, само во Војводина, особено во делови од Банат“, рече Вучиќ, пренесува „Телеграф“.
Србија пред „10 дена пекол“
Српскиот претседател предупреди и на зголемена потрошувачка на електрична енергија поради високите температури.
„А сега доаѓа најлошото време, 10 дена пекол. И не заборавајте дека сега трошиме многу електрична енергија, како да е Свети Никола. Сите се разгаленивме, никој не сака да го исклучи клима уредот“, рече тој.
Според него, најголемиот притисок од сушата и високите температури во моментов е во Војводина, особено во делови од Банат.
Вучиќ: Србија не е паркинг за мигранти
Вучиќ се осврна и на миграциската криза во шпанската енклава Сеута, тврдејќи дека таква ситуација не може да ѝ се случи на Србија.
„Она што се случува во Шпанија не може да ни се случи нам. Не морам да објаснувам зошто е тоа така, но ние сме сериозна земја. Постојано сме велеле дека Србија не е паркинг за мигранти, иако отсекогаш сме ги почитувале луѓето, никогаш не сме биле расисти и не сме делеле никого по религија или боја на кожа“, рече Вучиќ.
Зборувајќи за миграциските притисоци врз Европа, тој додаде дека гладни деца доаѓаат во Европа, испратени од родителите со надеж дека ќе најдат подобар живот.