Деца тепаат деца, родителите гледаат, училиштата пишуваат упатства

Два случаи на брутално врсничко насилство во Скопје и двата снимени со мобилен телефон. Институциите реагираат со апели и прирачници, а психолозите предупредуваат: траумата не се лечи, само се преживува.

Шестоодделенка малтретирана и понижена во Ѓорче Петров, тринаесетгодишно момче нападнато со нож во Аеродром. Двата случаи се случија во еден ден, двата беа снимени. Додека јавноста бара одговорност, министерката за образование им советува на родителите да поминуваат повеќе време со децата, а клиничкиот психолог Амела Мемиш Апостоловска предупредува дека нејзините сопствени деца не биле поштедени.

Кубење, гасење цигари од телот, изваден нож и мобилен телефон за рил од тепањето

Во скопската населба Ѓорче Петров неколку постари девојчиња малтретирале шестоодделенка, ја понижувале и го снимале насилството. Во Аеродром, поголема група деца нападнала тринаесетгодишно момче, извадиле нож, а и тоа било документирано. Двата случаи ја вознемирија јавноста и предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи. „Ова не е детска расправија. Ова е аларм за морален распад”, пишуваат граѓаните.

Министерството потворно само советува

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека училиштето во Ѓорче Петров постапило согласно процедурите, пријавувајќи го случајот во полиција и во центрите за социјална работа. „Министерството постојано подготвува упатства и прирачници за постапување при врсничко насилство”, рече Јаневска, додавајќи дека без соработка со родителите резултатите ќе бидат ограничени. Правните експерти не се задоволни од ваквиот одговор. Адвокатите посочуваат дека институциите редовно изрекуваат блага мерка „засилен родителски надзор” која не дава реален ефект, а Канцеларијата на народниот правобранител предупредува дека постојните воспитни мерки од Законот за правда за децата честопати не се соодветни за тежината на случаите.

Психолог: „Џабе се кампањи ако родителот дома не е едуциран”

Клиничкиот психолог Амела Мемиш Апостоловска, која работи со возрасни и тинејџери со трауми од детството, ги обвини родителите на насилниците дека токму домашната средина го храни деструктивниот циклус. Таа откри дека нејзината ќерка со години молчела за малтретирањето во училиште, а синот Леон бил удиран и исмеван во ходниците на истото училиште каде јавно настапува со пораки за инклузија. „Насилникот е дете кое дома гледа насилство или емоционално запоставување”, предупредува Мемиш Апостоловска, нагласувајќи дека кампањите по училиштата не можат да ја заменат родителската едукација.

Децата со попреченост се најлесна мета

Психологот посебно предупредува за учениците со попреченост, кои се системски изложени на насилство кое честопати не можат ни да го искажат. Нивната траума останува заробена затоа што немаат секогаш глас да се пожалат, додека насилниците ја црпат силата токму од туѓата немоќ. Оваа реалност ја потврдуваат и истражувачите: според меѓународни анализи, околу 10 проценти од децата на возраст од 11 до 15 години се соочуваат со врсничко насилство на месечно ниво.

Системот мора да дејствува, не само да советува

Експертите се согласни дека родителската посветеност е неопходна, но не и доволна. „Колку и да сте свесен и посветен родител, системската заштита мора да постои”, предупредуваат стручњаците, барајќи поостри санкции, подобра координација меѓу училиштата, семејствата и полицијата, и национална стратегија за превенција. Граѓаните на социјалните мрежи отидоа чекор подалеку, барајќи сериозно разгледување на забрана за социјални мрежи кај малолетници поради нивното растечко негативно влијание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни