За жал, врсничкото насилство е повторно „топ тема“ во медиумите во Македонија. По бројните алармантни случаи, екипата на „Внимание“ ги прашува граѓаните: Зошто имаме толкаво врсничко насилство и малтретирање меѓу децата и младите? Еве што велат граѓаните: „Највеќе за тоа се виновни социјалните медиуми, и сите трендови што се следат…“, „Најголем проблем се социјалните мрежи, недоволната контрола… Некои од децата она што го гледаат пробуваат и да го направат“, „Премногу интернет, премногу тик-ток, нечитање книги…“, „Затоа што нема домашна култура… проблемот е кај нас, родителите…“, „Незадоволството од самите себе…“, „Не се криви децата, родителите се криви… децата се препуштени самите на себе, затоа што родителите се премногу зафатени… не си играме со нив, не ги воспитуваме…“.
Граѓаните дадоа повеќе проникливи одговори на прашањата „Како да им помогнеме на децата жртви на булинг и насилство?“, „Како се решава овој проблем?“: „Овој проблем не е нималку едноставен и бара сериозна посветеност, пред се од родителите…“, „Со разговор, со родителите, со наставниците, со психолози…“, „Почесто да се оди на психолог, не е воопшто срамота… и родителите треба повеќе да ги слушаат сопствените деца“, „Како што треба да се едуцираат децата, така и родителите…“, „Во училиште, некои мерки, санкции за родителите?“.
А еве кои пораки им ги упатија граѓаните како поддршка на децата кои се соочиле со булинг или насилство: „Да продолжат само напред, да се соочат со проблемот, да пријават, да не се кријат, и да не чуваат во себе“, „Да не се откажуваат, да веруваат во себе, и да се дружат со луѓе кои си ги сакаат“, „Да не веруваат на се и сешто што ќе прочитаат и што ќе слушнат, да бидат свои, да немаат страв“, „Да издржат, тука сме сите и заедно ќе се бориме против булингот…“, „Бидете силни, само отворен разговор… непремолчување на насилниците, не смееме да преќутиме“, „Погласно да зборувате и да не се срамите доколку сте жртви…“, „Да побараат помош, пред се… затоа што многу од нив се срамат, и се плашат да го направат тоа, а тоа е најбитно.“