Search

Врие Македонец

(ГЕО)стратегија за КУЛТУРА

Не е на арно работава. Никогаш не било вака. Порано се знаеше еден ред: машките пцуеја, женските колнеа. Сега, со новиве технологии, Хаарпот, Хемтрејлсот и прскањето со Алуминиум преку мобилните телефони, работите сосем излегоа од контрола. Порано се знаеше: пролет, лето, есен, зима. Сега Американците испорасипаа сѐ. Ете оваа пролет беше ужасно променлива и премногу врнеше дожд. Како никогаш досега, нашава напатена земјичка е зелена и преполна со бујна вегетација. Дали е тоа во ред ви се молам? Летово пак, од жешко – пожешко. Секој ден сјае силно сонце. Не е во ред. Не се трпи веќе. Врие. Врие Македонецот.

Додека меѓусебно си ги вадиме очите чекајќи го господинот Путин да пристигне и да ги врати старите добри времиња, некои луѓе се занимаваат со КУЛТУРА. Пази богати, во време кога народецот нема леб да јаде, кога западот во пеколен сојуз со нашите мили комшии инсистира да го доразграби она што остана од топлата македонска душа, некоја арогантна екипа прави план за развој на македонската култура во следниве неколку години. Скандалозно! Кога си роден и живееш во Македонија, тоа е сосем доволно и не ти треба култура.

Денес (среда 19 јули) сум уредно поканет да учествувам во јавната расправа по нацрт текстот за Предлогот на Стратегија за развој на културата, со акциски план 2023 – 2027. Се разбира, со задоволство ќе присуствувам. Особено ми е драго што некој се уште се труди да планира било што во областа на културата. Уште повеќе ме весели фактот дека кај нас сеуште постојат одговорни луѓе кои сериозно седнуваат и врз база на образование, искуство и податоци, даваат конкретна визија за тоа како да ја развиваме културата во оваа наша суицидна државичка. Ги сакам тие луѓе. Вербата во култура и во општо добро е крајно секси. Без таа верба, не сме ништо освен човеколики мајмуни со држава во Европа.

Не ни е прв пат нас Македонците да пишуваме стратегии за култура. Сме пишувале и порано. Верувале или не, имаме сопствена држава речиси осумдесет години, без разлика што сеуште не сме се разбудени за фактот. За волја на вистината имаме и нов закон за култура, кој додуша никако да го донесеме, но сигурен сум дека ќе биде. Полека. Едно по едно. Има време. Господ е на наша страна. Всушност и Господ е Македонец.

Имаме ние прекрасни и умни луѓе кои ќе напишат и стратегија и закон и нова Библија ако треба. Нашиот проблем е во спроведувањето на нашите визии, планови, стратегии и закони. Проблемот настанува кога треба да се премине од зборови на дело и што со секоја промена на власта, министерот, или директорот, почнуваме од почеток. Но, нема тука да се самозадоволувам со банална критика. Ќе им го оставам тоа на премудрите животни инструктори од “македонската Твитер/Фејсбук заедница“. Ќе го искористам мојот ГЛАС да изразам НАДЕЖ дека ова гласно малцинство кое се занимава со КУЛТУРА во Македонија, знае што прави и ќе знае да спроведе во дело што е можно поголемо парче од проектираните визии. Како и секогаш, конструкцијата и погонското гориво го дава државата, која понекогаш се однесува како мајка, а понекогаш како маќеа. Сепак, најголемиот товар, како и секогаш ќе падне на плеќите на културните дејци, институционални и вонинституционални, кои знаеле и покажале дека културата е есенцијална за цивилизирање на околината, без разлика дали ќотекот е од мајка, маќеа, или си само културно сираче, преполно со ентузијазам.

Во меѓувреме се подготвувам да излезам на сонцево. Врело е до лудило, а јас морам да се облечам што е можно по-формално. Ем вруќина, ем нервоза. Вријам. Вријам Македонец. Врие Македонецот во мене, дами мои и господо. Боботи и клокоти во војничкиот лонец, преполн со евтина манџа од лажни вести и смрдлива параноја. Врие крвта во храброто, експертско македонско геостратешко срце, кое бие во уникатни седум осмини и се заканува да се прелее преку работ од Фејсбук страниците, директно во плиткото на нашето Бело море, за кое и ова лето храбро војуваме со нашите браќа Срби, со зарзават купен во Лидл по достапни цени. Кому му треба КУЛТУРА во овој воен пекол?

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

420

Последни колумни