Многу топол викенд во Македонија, во недела локално невреме

Фото: Freepik

Македонија ја очекува сончев и многу топол августовски викенд, со температури кои во повеќе градови ќе достигнат до 36 и 37 степени.

Сабота ќе биде претежно сончева, но во делови од западните, североисточните и планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и грмежи. Во недела нестабилноста ќе биде поизразена, па локално се можни поројни врнежи и невреме.

Најтопло во Скопје, Велес, Штип, Струмица и Гевгелија

Највисоки температури за викендот се очекуваат во Скопје, Велес, Штип, Струмица и Гевгелија, каде дневните температури ќе се искачат до 36 и 37 степени.

Во Охрид и Битола ќе биде нешто попријатно, со максимални температури од 30 до 32 степени, додека во Маврово се очекуваат околу 25 до 26 степени.

За регионите во Македонија активно е жолто предупредување поради високи температури во периодот од 10 до 18 часот, и во сабота и во недела.

Во сабота нестабилност во западните и планинските подрачја

Во сабота најголема веројатност за краткотрајна нестабилност има во Полошко, североисточните и планинските подрачја.

Централните и југоисточните делови од земјата ќе останат претежно сончеви и многу топли.

Во недела можни поројни врнежи и грмежи

Во недела условите за дожд и грмежи локално ќе се прошират кон Скопје, Куманово, Велес, Струмица и Гевгелија.

Врнежите нема да бидат рамномерно распределени, па во делови од земјата може да има краткотрајно невреме, додека други региони ќе останат суви.

Во Пелагонија и охридскиот регион поголемиот дел од денот ќе биде сув и сончев.

И покрај локалната нестабилност, температурите нема значително да се намалат. Во Скопје во недела се очекуваат до 37 степени, а во Повардарието и југоистокот околу 36 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс